Македонија
Запленета дрога од над 200.000 евра која од Македонија требала да стигне во Турција, меѓу приведените и државјани на Албанија и Косово
Сузбиена е меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, пришто приведени се 10 лица – државјани на Македонија, Албанија и Косово.
Како што соопшти МВР, запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра.
Акцијата се случила синоќа, а приведените организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција.
„Имено, во ноќните часови, на локалниот пат кон селото Сопиште возила од страна на полициските службеници се запрени две патнички моторни возила. При извршениот преглед во багажникот на едно од возилата е пронајдена вреќа со спакувани 27 пакувања марихуана, додека другото возило имало задача да известува за присуство на полициски патроли, односно имало улога на ‘чистач’. Двете лица се лишени од слобода, а наркотичната дрога е одземена. Во исто време, на крстосница кај Трговскиот центар на подрачјето на Бит-пазар, од страна на полициски службеници се лишени од слобода три лица кои се превезувале со патничко моторно возило, меѓу кои еден албански државјанин, а едно лице е лишено од слобода во населбата Ѓорче Петров. Воедно на излез на Граничен премин – Долно Блаце, од страна на граничната полиција од слобода е лишен косовски државјанин при обид да побегне од државата. При извршен претрес на две локации во с.Патишка Река се пронајдени 26 пакувања марихуана, а од слобода се лишени две лица за кои биле распишани централни потерници, по судски наредби, за правосилна осуда на 2 години казна затвор и дополнителна мерка притвор за едното лице и судска наредба со определена мерка притвор за второто лице“, соопшти Обвинителството.
Од МВР истакнаа дека претреси биле извршени и на повеќе локации во Скопје, и тоа во с.Никиштани, кај С.Ф.(36), при што биле пронајдени машини за копање на биткоини, со кои се вршела кражба на електрична енергија, како и на подрачјата на Карпош и на Бит-пазар, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела, а на излез на Граничен премин Долно Блаце, од страна на гранична полиција при Регионален центар Север бил лишен од слобода и косовскиот државјанин Ф.Т.(32), при обид да побегне од државата.
Во текот на денешниот ден јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе донесе наредба за спроведување истрага против десетте лица за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Осомничените во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, на судот ќе му предложи на осомничените да им биде изречена мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

