Македонија
Запленети и уништени 366 килограми месо и преработки од месо во угостителски објект во Охрид

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) , при спроведен редовен надзор на осумнаесетти овој месец во Охрид, од угостителски објект запленија и нештетно уништија небезбедна храна (месо и преработки од месо) во вкупна количина од 366 килограми.
Со контролата, покрај затекнатата небезбедна храна, утврдени се и недоследности во однос на хигиената кај овој оператор со храна.
За пуштање во промет на небезбедна храна, на операторот изречена му е парична казна од 1000 евра во денарска противвредност и 400 евра во денарска противвредност за одговорното лице во фирмата. И по однос на утврдените недоследности во поглед на хигиената, дополнително изречена му е истата висина на парична казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На 26 октомври, во недела, ќе почне зимското сметање на времето

Летното сметање на времето ќе заврши во недела, на 26 октомври 2025 година.
Тоа значи дека во три часот по полноќ, стрелките на часовникот ќе се поместат еден час наназад.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потсетува дека одлуката за завршувањето на летното сметање на времето во 2025 година е донесена од Владата на 28 март 2025 година и објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68.
Македонија
Ѓорѓиевски вети бесплатен оброк за секој средношколец и наградни патувања во Европа за првенците на генерација

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес ја претстави програмата за средношколците. Вети модерен, дигитален и еколошки образовен систем, а за да го создаде, вели дека ќе почне од инфраструктурата.
„Во периодот што е пред нас ќе ја промениме сликата на образованието во Скопје. Во соработка со Владата ќе изградиме две нови современи средни училишта. Едното во Драчево, тоа е нова училишна зграда за средното училиште ‘Браќа Миладиновци’ и другото во Ѓорче, нов објект за училиштето ‘Кочо Рацин’. Тоа ќе бидат модерни, дигитализирани и енергетски ефикасни објекти“, рече Ѓорѓиевски.
Секое училиште Ѓорѓиевски вели дека ќе добие фотоволтаци, нови фасади, термоизолација, паметни системи за следење на потрошувачката, брз интернет во секој училница, паметни табли, проектори и дигитални содржини создадени од наставници и студенти, прочистувачи на воздухот, климатизација и греење, а безбедноста во училиштата ќе ја гарантира преку програми за превенција на насилство, ангажман на училишни полицајци, видеонадзор и едукации за ученици и за родители.
Во програмата за средношколците на Ѓорѓиевски предвиден е и бесплатен оброк за средношколците и наградно патување во Европа за првенците на генерација.
„Со програмата ‘Младински оброк’ ќе обезбедиме субвенциониран оброк за секој средношколец преку картичката ‘Скопје сити гоу’. Ќе воведеме модерни униформи што ќе бидат креирани заедно со средношколците и ќе поттикнуваат еднаквост и достоинство за секој од нив. Воведуваме и бесплатно патување во Европа за првенците на генерација. Девојчињата ќе имаат обезбедени хигиенски производи во училиштата, а за секој ученик обезбедуваме пристап до психолошка поддршка од стручни лица“, вети Ѓорѓиевски.
Со помош на вештачката интелигенција Ѓорѓиевски планира воведување дигитален асистент за секој ученик, кој ќе ги објаснува лекциите и ќе ги заменува, како што рече, скапите приватни часови. Во неколку училишта најави формирање лаборатории за вештачка интелигенција со 3Д-модели и интерактивни симулации, кои наставата ќе ја направат привлечна, динамична и блиска до новите генерации.
Во рамките на програмата за ученици Ѓорѓиевски планира и рестартирање на Планетариумот во МКЦ за кој вели дека ќе стане центар за наука, култура и технологија, каде што децата за астрономијата ќе учат со љубопитност и науката повторно ќе биде достапна, разбирлива и, пред сè, возбудлива за младите.
Во програмата има и училишни младински клубови за уметност, музика, театар и технологија, кои како кариерни центри ќе помагаат во изборот на професијата и понатамошното образование и ќе соработуваат со универзитетите и со фондациите.
Македонија
(Видео) Ангелова: Фатмир Дехари од Кичево е срам за сите жени во Македонија, злоупотреба, понижување и срамен молк од ДУИ

Во медиумите излегоа аудио снимки од кои се слуша како Фатмир Дехари наместо да биде градоначалник и да ја користи општина Кичево за добробит на граѓаните, тој сексуално ги малтретира и се изживува врз вработените. Овие снимки се скандалозни, а односот на Дехари на нив понижувачки за секоја жена, истакна на прес-конференција Емилија Ангелова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, вели таа, не е само навреда кон жените во општина Кичево, туку и кон сите жени во Македонија, без разлика дали се Албанки, Македонки, Турчинки, Влаинки или од која било друга заедница.
„Ова е срам за целиот наш мултиетнички мозаик, за секое семејство што воспитува ќерки со почит, труд и достоинство.
Ваквото однесување не е дел ниту од една култура, ниту од верата, ниту од традицијата. Тоа е срам и мора да биде осудено од сите: и Албанци и Македонци и секој чесен граѓанин на Кичево, односно на Македонија.
Од аудио снимките се слуша како жените вработени во општина Кичево се принудувани да го бакнуваат градоначалникот Дехари, и со големо гадење да кажат дека му седнуваат в скут.
Ова е скандал, и изживување врз цел еден колектив и сите жени.
Зарем до тој степен е падната ДУИ, да за вакви луѓе води кампања за повторен мандат? Дали традицијата и почитта кон жената за ДУИ се небитни? Која е пораката до сите жени и до семејствата“, прашува Ангелова.
Дехари, како што оценува таа, малку од повеќе се има заиграно со политиката и со градоначалничката позиција, но тоа не значи дека ова треба да се премолчи и да се толерира.
„Кичево и кичевчани не заслужуваат ваков третман на албанките или генерално – ниту една жена не смее вака да биде третирана на работното место. Дехари мора да си поднесе неотповиклива оставка и да се повлече од политиката.
Истовремено прашуваме:
Дали жените од ДУИ ќе реагираат на ова?
Дали дискриминаторска комисија ќе отвори случај за ваквиот полов дискриминирачки однос?
Дали Али Ахмети ќе го толерира својот миленик кој се изживува со жените вработени во општината?
Ова не смее да помине без широка општествена осуда. Ова не е 18 и 19 век, жените не се робинки или сопственост нечија, тие се нечии мајки, ќерки, жени, деца. Ниту тие, ниту нивните семејства го заслужуваат ова“.
Ги повика сите партии да реагираат, сите институции, здруженија за заштита на жените, но пред сè како што нагласи ЈО за организиран криминал, „најблискиот другар на Ахмети да даде став“.