Македонија
Запленети 6.850 евра, секој обид за нелегален изнес на девизи се санкционира, велат од Царината

Спречен обид за нелегално изнесување на девизи на граничен премин Табановце во износ од 6.850 евра, откако македонски државјанин истите не ги пријавил. Девизите како што соопшти Царинската управа биле одземени, а против лицето е поднесена и пријава за девизен прекршок.
Лицето, инаку сопатник во товарно моторно возило и возачот на камионот на прашање на царинските службеници дали имаат нешто за пријавување одговориле дека немаат ништо. Поради сомневање возилото било селектирано на контрола, при што во левиот преден џеб на сопатникот биле пронајдени 8.850 евра за кои лицето не поседувал документ за потекло на парите.
Од Царина појаснија дека согласно Законот за девизно работење на лицето му се вратени две илјади евра, а останатите се одземени.
Ова е втор случај во два дена на заплена на девизи. Надлежните апелираат до граѓаните да ги пријавуваат девизите при влез и излез од државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, Герасимовски повика на концерт

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите скопјани, вечерва да бидат дел од културната манифестација „Центарска симфонија“ што ќе се одржи на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари, зади Соборниот храм) со почеток во 20:00 часот.
Александар Тарабунов и камерниот оркестар вечерва ќе ги интерпретираат најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија, специјално аранжирани во ново, симфониско руво. Меѓу нив се и култните музики од „Исправи се Делфина“, „До Балчак“, како и новата песна на музичката ѕвезда Тарабунов „Заедно“, која за првпат ќе биде изведена со камерен оркестар.
„Оваа вечер ја посветуваме на музиката која нè обединува, Центар повторно станува сцена на културното доживување. Повелете сите, со пријателите, со семејствата, заедно да уживаме во спојот на класичното и модерното, на звуците што раскажуваат приказни. Музиката е најубавиот начин да се сплотиме, Ве поканувам на добра музика и убава летна саботна вечер. Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, вели Герасимовски.
Влезот е слободен за сите граѓани. Настанот е во организација на Општина Центар, во партнерство со МГ Мјузик продукција.
Македонија
Филипче на конгрес на СПД во Берлин: Средба со германскиот вицеканцелар Клингбајл

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска, ќе присуствува на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој под слоганот „Промената започнува со нас“ се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, соопшти утрово СДСМ.
Во рамки на конгресот претседателот Филипче ќе има средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл кој воедно е и ко-претседател на СПД. Предвидени се и билатерални средби со европски политичари и функционери присутни на конгресот.
На конгресот, на кој, меѓу другото, ќе се избира и новото раководство на СПД, ќе присуствуваат истакнати актуелни германски политичари и функционери, како и претседатели на социјалдемократски партии од Европа.
Поканата за присуство на Филипче на овој конгрес од СДСМ ја сметаат за израз на заедничката заложба за европска иднина, социјална правда и регионална соработка, засновани на вредностите на социјалдемократијата – еднаквост, солидарност и демократија.
Македонија
УХМР: Денес температури до 36 степени и ветер кој на места ќе дува и со над 70 километри на час

Управата за хидрометеоролшки работи за денес прогнозира сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне и над 70 километри на час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 34 степени.