Македонија
Почна асфалтирањето на улицата Есенинова, која ќе ги поврзува Кисела Вода, Аеродром и Центар
Екипите на Град Скопје деновиве почнаа со асфалтирање на улицата Есенинова, чие пробивање почна минатото лето.
Како што информираат градските власти, со оваа нова траса се добива уште едно сообраќајно поврзување на Кисела Вода, Аеродром и на Центар, односно булеварите Борис Трајковски и Трета македонска бригада.

Новоизградената улица Есенинова ќе биде долга 730 метри, со променлива ширина, односно ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни во Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.
Предвидено е да се постави улично осветление со 20 столба, нова водоводна и канализациска мрежа и да се дислоцираат постојните резервоари и бунари што се наоѓаат на таа локација.

„Улицата е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и на Центар зашто претставува трето поврзување на урбаните делови на Аеродром и Кисела Вода. Булеварот Трета македонска бригада со должина од 2,5 километра има само 2 поврзувања со Кисела Вода, едното преку булеварот Србија со булеварот Борис Трајковски, а второто, познатото тесно грло кај ‘Тутунски комбинат’, кое воедно го поврзува Аеродром и со Кисела Вода и со Центар. Со изградбата на ‘Есенинова’ ова тесно грло во сообраќајот ќе се растовари, ќе се скрати кружењето околу ‘Тутунски’, кое во периодите на најголемиот сообраќаен метеж трае од 5 до 10 минути“, посочуваат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа средба меѓу претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос, кој престојува во официјална посета на нашата држава по повод 30-годишнината од зачленувањето на земјата во Советот на Европа.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната поддршка што Советот на Европа ѝ ја дава на Северна Македонија од 1995 година, нагласувајќи дека тридецениското членство претставува потврда на трајната определба за човекови права, демократија и владеење на правото.
Двајцата претседатели ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и на заедничките иницијативи што придонесуваат за поголема видливост на Советот на Европа во регионот.
Претседателот Гаши подвлече дека искуството стекнато преку Советот на Европа е од особена вредност за процесот на пристапување во Европската Унија и дека Собранието ќе продолжи да биде пример за транспарентност, дијалог и посветеност на европските стандарди.
Македонија
За вакцинација против сезонскиот грип досега пријавени над 76 илјади граѓани, почна и вакцинацијата со комерцијалните вакцини за 700 денари
Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип за ризичните категории населени досега се пријавени над 76 илјади граѓани, а вакцинирани се повеќе од 43 илјади лица во државата.
„Заинтересираните граѓани сè уште имаат можност да се пријават за вакцинација против сезонскиот грип преку апликацијата vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар. Превентивни тимови продолжуваат и со теренска вакцинација во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица, како и за лица со попреченост“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Исто така, почната е и вакцинацијата со комерцијалните вакцини во Центарот за јавно здравје Скопје, а во текот на неделата ќе почне вакцинација и во другите центри за јавно здравје во државата.
Екипите на Центарот за јавно здравје – Скопје вршат вакцинација секој работен ден од 7.30 до 14.30 часот. Цената на комерцијалните вакцини изнесува 700 денари.
Македонија
За еден месец 138 санкции за непрописно вградени фолии
Во периодот од 01 до 31 октомври, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата.
При контролата санкционирани се 138 учесници во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.

