Македонија
Почна изградбата на булеварот АСНОМ
Почна капиталниот проект на Град Скопје за поврзувањето на Аеродром со Ќерамидница со изградбата на булеварот АСНОМ и изградбата на мост на реката Вардар.
Ова е првата од трите фази на изградба на овој булевар, каде што во наредните фази ќе биде изграден мост на реката Вардар и негово спојувањето со булеварот Гоце Делчев. Со целосната реализација на овој капитален проект ќе се добие брзо, безбедно и модерно сообраќајно поврзување на општините Аеродром, Центар и Гази Баба.
„Градот Скопје ги заврши сите постапки и очекувам првата фаза од овој капитален проект да биде готова до крајот на оваа година по што ќе продолжи реализацијата на втората фаза и изградбата на мостот на реката Вардар. Ова е само еден од многуте инфраструктурни проекти што ќе ги реализираме годинава за подобрување на сообраќајната инфраструктура во Скопје. Во текот на оваа година целосно ќе го реконструираме булеварот Партизански одреди од крстосницата со булеварот 8 Септември до мостот Обединети нации во Влае и целосно ќе го реконструираме булеварот Кочо Рацин од крстосницата кај „Веро центарот“ до улицата 11 Октомври (Црвен крст). Паралелно со нив продолжува и изградбата на двата нови булевара -Христијан Тодоровски – Карпош и Босна и Херцеговина“, изјави Шилегов.
Во првата фаза од овој проект се врши проширување на булеварот АСНОМ, што се одвива на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата со булеварот Васко Карангелески. Должината на трасата во првата фаза изнесува 845 метри, каде што новиот булевар АСНОМ ќе добие по 3 коловозни ленти од двете страни, средишно булеварско зеленило, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот, како и тактилни патеки за лицата со оштетен вид по целата должина на пешачките патеки.
Новиот булевар ќе биде осветлен со енергетски ефикасно ЛЕД-осветлување, а ќе бидат поставени и нови сливници, кои ќе бидат поврзани со постојната атмосферска канализација.
Првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ е предвидена да заврши во рок од 6 месеци, а за неа Град Скопје ќе потроши околу 50,6 милиони денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за пушење следната недела пред Владата – фазната имплементација не значи одложување, појаснува Министерството за здравство
Министерството за здравство соопшти дека останува целосно посветено на донесување и имплементација на Законот за заштита од пушење, согласно законските рокови.
Во моментот, како што велат од Министерството, се финализира анализата на пристигнатите коментари од јавната расправа на ЕНЕР, како и ставовите доставени од засегнатите страни, институциите и бизнис заедницата, по што следната недела финалната верзија ќе биде доставена до Владата.
„Потенцираме дека овие усогласувања не ја менуваат суштината на законот. Целите остануваат јасни и непроменети: спречување на започнување со пушење кај младите и создавање генерации без никотинска зависност, заштита на работниците и граѓаните од пасивно пушење во затворени јавни и работни простории.
Во однос на наводите за „фазна имплементација“, појаснуваме дека тоа не значи одложување на неговата имплементација по усвојувањето во Собранието. Законот ќе стапи на сила по неговото донесување согласно законските рокови. Фазноста се однесува на начинот на примена во почетниот период, при што првата фаза ќе биде со засилен надзор, информирање и опомени. Целта е институциите, угостителите, и граѓаните да се адаптираат, да добијат јасни упатства и поддршка, а културата на почитување на правилата да се изгради одржливо на долг рок“, велат од Министерството.
Се додава дека остануваат отворени за комуникација и навремено информирање на јавноста за секој следен чекор од процесот.
Македонија
Герасимовски: Го чуваме редот и јавниот простор во Центар, 86 казни за непрописно паркирање за три дена
Комуналните инспектори и комуналните редари на општина Центар претходната недела изрекоа вкупно 86 казни за непрописно паркирање на јавни и зелени површини, од кои досега 24 се платени.
Контролите се фокусирани на подрачјата на Дебар Маало и Градски ѕид, каде најчесто се евидентираат вакви прекршоци. Засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, известуваат од општина Центар.

На секое непрописно паркирано возило се остава известување за сторен прекршок, а казната изнесува 50 евра, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на Општина Центар. Доколку прекршочниот платен налог се подигне и се плати во рок од осум дена, сторителот има можност да плати половина од износот на изречената казна.
„Редот мора да се почитува, а безбедноста на пешаците и заштитата на јавниот простор се наши приоритети. Апелирам до сите граѓани да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, за да имаме уредна, безбедна и хумана средина за сите,“ рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат законите и прописите за сообраќај и комунален ред, со цел заштита на пешаците и јавниот простор.
Македонија
За една недела отстранети 653 кубни метри отпад во Скопје
Во текот на изминатата седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 653 кубни метри непрописно одложен отпад на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје повторно интервенираше и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што беа подигнати приближно 60 кубни метри мешан комунален отпад од три помали диви депонии.
Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела врачи 32 записника за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број на записници се изготвени во скопската општина Чаир.

