Македонија
Почна карванот на претставата „Хумана приказна”
Изминатиот викенд, во саботата, 7 декември, се одржа премиерата на претставата „Хумана приказна“, во режија на Бесфорт Идризи и автор Кaтерина Момева, во МКЦ Кино „Фросина“, која е дел од проектот „Мој омбудсман – театарот како метод за зголемување на основните човекови права“, во продукција на „Онлимит медија“ и во партнерство со народниот правобранител.
Оваа претстава даде позитивен импулс кон информирањето на граѓаните за надлежностите на народниот правобранител, односно омбудсманот, и ситуациите во кои тие може да му се обратат за помош, поддршка или правно советување. Претставата е инспирирана од самите извештаи на народниот правобранител, сликовито објаснувајќи ги тешкотиите на граѓаните и начинот на кој оваа институција работи на системско разрешување на тие предизвици, поддршката што ја нуди на засегнатите странки. Иницијативата „Мој омбудсман“ има цел да ја приближи институцијата до граѓаните на кои им е најмногу потребна на еден интерактивен и отворен начин.
Премиерната претстава во Скопје заврши со модериран разговор помеѓу претставник на канцеларијата на народниот правобранител со публиката, каде што присутните граѓани поставуваа прашања во врска со проблематиката што беше драматизирана во претставата и постојните ингеренции и механизми на народниот правобранител.
„Ја препорачувам ‘Хумана приказна’ и сметам дека треба да се одигра насекаде во земјата затоа што е добар начин луѓето да бидат свесни дека има каде да се обратат и дека за сè може да се најде решение“, изјави Лира Бојку по завршување на премиерата на „Хумана приказна“.
Карванот на претстави, планиран да се одржи во неколку градови низ државата, ќе почне овој викенд со претставување на „Хумана приказна“ на 14 декември во Крива Паланка и 15 декември во Битола. По завршување на претставите, граѓаните ќе имаат можност за отворена дискусија со претставник од канцеларијата на народниот правобранител.
Влезот на претставата е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

