Македонија
Започна Школата за млади лидери во Струга
Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација се во фокусот на Школата за млади лидери, што од денеска до 22 февруари се одржува во Струга, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани“, рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.
Според македонскиот претседател, сиве овие промени се драстични за толку краток период и затоа е неопходна промена на целиот систем на едукација. Промена во сферата на образованието, промена во сферата на производството, на тргувањето, на услугите.
„Секој доколку има желба, може да биде дел од тие глобални платформи. Не да биде само пасивен набљудувач, туку и активен учесник, да дава свој придонес. Сега на интернет сите можат да комуницираат, да разменуваат искуства и знаење. За сите тие предизвици ќе ви помогнат предавачите на оваа школа, ќе ви овозможат да навлезете во тајните на дигиталната трансформација на општеството, на економијата, дигиталната трансформација на биолигијата, на физиката, да ја сфатите моќта што ја носи блокчејн-технологијата“, истакна претседателот Иванов и додаде дека учесниците ќе бидат запознаени за сите нови работи кои ги носи оваа промена и како тие да успеат во тој нов свет.
Целта на Школата за млади лидери е да се создадат луѓе кои соработуваат, да се научат младите како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци, порача претседателот Иванов.
„Во духот на оптимизмот, на креативноста и иновативноста ви посакувам успешно совладување на оваа обука, да стекнете многу нови знаења, многу вештини, многу пријателства и да сфатите дека секаде во светот системот на образование е критикуван и е во криза. Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци. Многу поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, преку блискост, размена на искуства и сознанија“, рече претседателот Иванов пред учесниците на годинашната Школа за млади лидери.
На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат дваесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на Школата.
На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, се обрати и Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација, кој на претседателот Иванов му додели признание за неговиот придонес за новата генерација и за неговите постигнувања во Македонија и светот. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање одржа Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а се одржа и панел-дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што е во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.
Меѓу предавачите годинава се Пинар Ајваз Арикан, генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, Штефан Петер, претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, Фанија Самак од компанијата „Микросам“ од Прилеп, Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, Љупка Арсова, инженер за животна средина во Источната истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, координатор на Одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен медитеран универзитет, Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Универзитетот Бар Илан, Израел, Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија. Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.
Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.
Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис-ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за најдобар светски лидер кој инвестира во новата генерација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

