Македонија
Започнуваат уписите во средните училишта, задолжително е носење на маска и ракавици
Пријавувањето и запишувањето на ученици во прва година, во јавните средни училишта во учебната 2020/2021 година ќе се реализира во еден уписен рок и започнува со првото пријавување на 16 и 17 јуни 2020 година. Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни 2020 година.
Средните училишта на Град Скопје го организираат пријавувањето и запишувањето на ученици согласно Конкурсот за запишување на ученици во јавните средни училишта за учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта за време на запишувањето на ученици во прва година во учебната 2020/2021 година. Со оглед на пандемијата со КОВИД – 19 и потребата од воспоставување на безбеден начин на вршење упис, средните училишта на град Скопје воведуваат проширување на дефинираните термини за првото пријавување согласно очекуваната заинтересираност на ученици за упис и досегашното искуство. Утврдените временски термини се поставени на нивните веб страни и комуницирани преку социјалните мрежи, а целта на проширените термини е да се овозможи максимална безбедност за сите кои се дел од процесот.
Од учениците се очекува да имаат претходно пополнета пријава која е електронски достапна како и претходно подготвена целосна документација со цел што пократко задржување во училиштето.
Влезот во училиштето се ограничува само на учениците кои се запишуваат без придружба од родител/ старател со исклучок на ученици кои од оправдани причини се спречени самостојно да го извршат уписот, и во тој случај се дозволува присуство на еден родител/ старател.
Користењето на заштитна опрема како маски и ракавици, оддржувањето на 2 метри физичка дистанца и целосно почитување на насоките од присутните редари е задолжително за секој посетител, соопшти Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило делницата од автопат А1 Велес – Градско е затворена
Поради поголем пламен и отпаднати делови од приколка на возило, во 01:20 часот делницата од Автопат А1 Велес – Градско е затворена и возилата се пренасочуваат по експресниот пат Градсско – Дреново до локализирање и ликвидирање на пожарот, извести АМСМ.
Сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско се одвива наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја делови од Петровец, Чаир и Гази Баба
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.30 часот, корисниците од селата Градманци, Летевци, Катланово и Брезница, општина Петровец;
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од улицата Ордан Чопела, улицата Петре Георгиев и улицата Челопек, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од улицата Вера Вучковска Жезељ во населба Хиподром, општина Гази Баба.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект во шахта од ф – ¾ на улицата Ацо Караманов бр. 10, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од улицата Ацо Караманов, како и објектот на Американската Резиденција, општина Центар.
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека исто така денеска поради уличен дефект на улицата Девол бр. 15, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улицата Девол, општина Карпош.

