Македонија
Почнува новата академска година

Прв академски час ќе се одржи денеска на факултетите во државава, со што ќе се означи почетокот на новата академска 2021/2022 година.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како што е најавено, ќе има видеообраќање на првиот академски час.
Тој симболично со порака ќе им се обрати на сите новозапишани студенти на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
По повод почетокот на новата академска 2021/2022 година, прв академски час и свеченост ќе се одржи на платото на Правниот факултет во Битола при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. На свеченоста свое обраќање ќе имаат проректорот на УКЛО, проф. д-р Марјан Ѓуровски, и деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Илиќ. На прворангираните новопримени студенти ќе им бидат доделени индексите.
Проректорот Ѓуровски на брушоците на УКЛО ќе им посака успешна академска година потсетувајќи ги дека почнуваат еден нов степен на едукација преку кои ќе ги градат специфичните знаења, ќе се изградуваат како личности и ќе стекнуваат нови, интересни искуства, пријателства и контакти што многу ќе им значат во животот.
Ректоратот на Универзитетот ќе биде постојат партнер и сојузник на студентите во натамошниот нивен предизвик и студирање, ќе нагласи проректорот Ѓуровски пред новите студенти најавувајќи повеќе проекти што се реализираат во функција на студентите – како борба против корупцијата и судир на интереси, студентскиот правобранител и др.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекин на испораката на гас за ЈСП, можни се отстапувања од возниот ред

ЈСП информира дека до утре ќе има прекин на испораката на гас и поради тоа е можно да има прекин на некои автобуски линии.
„Согласно добиената информација од НОМАГАС АД Скопје, дека ќе има прекин на испораката на природен гас кон Македонија до 17.10.2025 година, Ве известуваме дека се можни отстапувања од возниот ред“, соопшти ЈСП.
Од таму велат дека доколку бидат информирани за евентуални промени околу времетраење на прекинот, јавноста навремено ќе биде известена.
Македонија
„ВМРО-ДПМНЕ и Љутков директно одговорни за рушењето на домот на Владо Малески“, реагира СДСМ

„Бруталното рушење на домот на Владо Малески во Струга не е изолиран инцидент, тоа е резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, реагира СДСМ.
„Управата за заштита на културното наследство, која е должна по службена должност да реагира и превенира вакви уништувања, молчи и не презема ништо. Дали затоа што рушителите се блиски до власта? Или затоа што институциите се ставени во служба на политичките и бизнис интереси на ВМРО-ДПМНЕ и нивната тајна коалицијата со ДУИ?
Министерот за култура, Зоран Љутков, наместо да го брани културното наследство, се занимава со партиска кампања и самопромоција. Во време кога се брише споменик на македонската културна меморија, Љутков не излезе со ниту едно јавно соопштение, ниту најави конкретна постапка. Тоа е срам за институцијата Министерство за култура!
Владо Малески не е само име од учебник ,тој е авторот на текстот на македонската химна, дел од нашата државност и културен идентитет. Рушењето на неговиот дом е удар врз македонската култура, меморија и достоинство.
СДСМ бара:
– итна и целосна истрага за случајот,
– одговорност од Управата за заштита на културното наследство,
– оставка од министерот Љутков поради неделување,
-итна реставрација и заштита на објектите со историско и културно значење во Струга.
Ова што се случува не е само правен, туку цивилизациски пад. Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема визија, ниту почит кон сопствената држава и нејзините симболи.
СДСМ, заедно со граѓаните на Струга и со целата културна јавност, ќе се избори овој срам да не остане неказнет. Никој нема право да ја руши историјата на Македонија!“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Денеска почна вакцинацијата против сезонски грип, досега пријавени 43.000 граѓани, продолжува пријавувањето

Министерството за здравство информира дека денеска почна вакцинацијата против сезонски грип, која се спроведува на вкупно 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет пункта се во Скопје.
Веќе се пријавени 43.000 граѓани на апликацијата vakcinacija.mk, а можноста за пријавување продолжува.
– Голем е одѕивот на граѓани кои досега се пријавија за вакцина против сезонски грип. Задоволен сум од покажаниот интерес, а воедно сакам да потсетам дека и понатаму е отворена можноста за пријавување, преку апликацијата vakcinacija.mk или преку матичниот лекар. Министерството годинава набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита на здравјето и очекувам бројката на пријавени лица за вакцинација да расте и во следните денови, порача министерот Алиу.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.