Македонија
Почнува со реализација комплексот „Гранд“ во Скопје
МГ ФЕШН ДОО Скопје ја известува јавноста дека денес, понеделник, 22.11.2021 година, почнува со изградба на првата фаза на комплексот „Гранд“ во Скопје, предвиден за изградба на градежната парцела 1.1 во рамките на ДУП Ц08 за Ново Маало на територијата на општина Центар, а во согласност со претходно добиеното одобрение за градење УП 1 Бр. 27-92 од 13.04.2021 година.
Во оваа прва фаза започнува изградбата на станбено-деловниот објект кој содржи: три нивоа под земја, приземје плус дваесет ката и поткровје. Објектот ќе биде изграден согласно највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои имаат минимално влијание врз животната средина. Подземните нивоа се наменети за паркирање на возила, приземјето и првиот кат се со деловна намена, додека останатите катови се станбени единици со различна големина. Објектот е дизајниран да овозможи максимален комфор на идните корисници на станбените единици како и целосно искористување на природната светлина и визури, како кон реката Вардар, така и кон планината Водно.
Сакаме да нагласиме дека во рамките на ДУП Ц08 предвидена е и јавна површина од вкупно 7.500 м2 или приближно површина колку Плоштад Македонија во центарот на Скопје. Нашата визија за овој јавен простор е да се уреди на современ начин, налик на урбаните паркови во светските метрополи, како на пример оној на „Porta Nuova“ во Милано, а за кое идејно решение ќе предложиме да биде распишан јавен конкурс во соработка со Општина Центар. МГ ФЕШН ДОО Скопје како општествено одговорна компанија, на свој трошок, ќе ги обесштети сите жители на Ново Маало кои имаат имот на овој простор, без разлика што на истиот не е предвидена никаква изградба на градежен објект, и тоа на ист начин и во ист сооднос како и на жителите на Ново Маало на чии имот е предвидена изградба на објекти.
Во однос на обесштетувањето, МГ ФЕШН ДОО Скопје потсетува дека со целосната реализација на овој проект, жителите на Ново Маало конечно ќе ги почувствуваат бенефитите на современото урбано живеење во главниот град преку урбано регенерирање на овој значаен простор во срцето на Скопје. Станува збор за обесштетување на повеќе од 300 жители кои сè уште опстојуваат таму како староседелци во центарот на Скопје и кои повеќе од седум децении живеат во супстандардни услови, без фекална и атмосферска канализација, во објекти изградени кон крајот на 19-ти или почетокот на 20-ти век, а притоа со децении имале забрана за каква било реконструкција, доградба или изградба на нивните домови.
Воедно, МГ ФЕШН ДОО Скопје ги повикува сите жители на Ново Маало кои имаат имот на територијата на ДУП Ц08, а со кои досега не се склучени договори за обесштетување, без разлика дали на нивниот имот е предвидена изградба на објекти или јавен простор, да нè контактираат или да дојдат во нашите деловни простории како би биле во можност да склучиме соодветни договори за обесштетување со цел изградба на целиот станбено-деловен комплекс предвиден со ДУП Ц08.
Искрено се надеваме дека граѓаните на Град Скопје, а особено жителите на Општина Центар, ќе ја препознаат и поддржат нашата визија за нов, современ урбан простор кој со гордост ќе го претставува нашето Скопје во 21-виот век.

(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

