Македонија
Затворени двете мензи во фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Битола, со храна се затруле 41 вработен

Двете мензи во фабриката „Кромберг и Шуберт“ во Битола се затворени откако кај вкупно 41 лице од четвртокот до денес се појавиле симптоми за труење со храна.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат денес ја затвори втората менза, додека првата беше затворена уште во четвртокот по појавата на симптоми кај дел од вработените.
„Земени се мостри од консумираната храна, брисеви од работните површини и брисеви од персоналот“, велат од ДСЗИ за „Макфакс“.
Според последните информации, во текот на денешниот ден вкупно 11 лица пријавиле труење, а најверојатно причина за тоа е консумирање на салата со краставица, домат и пченка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште неотворена, новата градинка во Бутел демолирана – хулигани искршиле врати и прозорци, штетата е голема

Вандализирана е новата детска градинка во Бутел 1, објави градоначалникот Дарко Костовски.
Вели дека МВР веќе има лоцирано осомничени лица, а за многу скоро очекува остра и брза акција, одговорност и кривични пријави согласно закон.
„Направена е голема штета во новата граника во Бутел 1, истата е во план да се пушти во употреба во месец септември 2025 година. Особено е осетливо тоа што станува збор за детска градинка, таму каде што треба да бидат згрижени нашите најмили“, рече Костовски.
Изрази надеж дека зад овој случај не стои политика. Тој потсети и дека во општината се градат две нови детски градинки, нешто што не се случило никогаш во толку кус период.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со Клакочар Зупанчич: Словенија ќе остане наш поддржувач на патот кон ЕУ

На средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич, која престојува во официјална посета на земјава, беа истакнати заложби за поттикнување на регионалното заедништво, одржување на добрата економска соработка и силна поддршка за македонските евроинтеграции.
Словенија беше, е, и ќе остане наш поддржувач и пријател на патот кон ЕУ, бидејќи нам таму ни е местото, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката изрази искрена и длабока благодарност за сочувството, помошта и поддршката што Словенија ни ја пружи по трагичниот настан во Кочани, што сведочи за цврстото пријателство.
Таа се заблагодари за континуираната поддршка во процесот на нашиот евроинтеграциски маратон и истакна дека Словенија секогаш беше до нас.
Нагласувајќи го ставот за неопходноста од почитувањето на Копенхагенските критериуми, таа изрази скептицизам дека уставните документи на ЕУ се почитуваат.
Обете манифестираа задоволство од билатералната соработка и партнерството на мултилатерален план, што меѓу другото, се темелат на сојузништвото во НАТО, заедничките заложби за мир и стабилност во регионот, како и фактот дека меѓу двете земји нема ниту едно отворено прашање.
Претседателката на словенечкиот Државен збор ја реафирмираше поддршката, потенцирајќи дека ЕУ е непотполна и недовршена без сите европски народи. Таа изрази разбирање за фрустрираноста на македонските граѓани поради долготрајноста на евроинтеграцискиот процес и за стравовите од наметнување нови препреки и покрај многуте направени отстапки од македонска страна.
Соговорничките се согласија дека политиката на проширување на ЕУ не смее да се билатерализира и да има посебни критериуми и преседани за нас, оти тоа ќе се одрази и на следните кандидати.
Македонија
Судски совет за пресудата за Теодора – судијата не можел да пресуди повисока казна

Судскиот совет ја разгледа пресудата за возачот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово со која беше осуден на две години затвор.
Во соопштението се наведува дека според законот, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот во ситуација само кога тој поднел жалба.
Инаку, по првата пресуда од 3,5 годишна затворска казна само обвинетиот поднел жалба, а не и Обвинителството.
Судскиот совет денеска ја разгледуваше пресудата по бурните реакции во јавноста и по јавното барање на премиерот Христијан Мицкоски.
„По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор за Врховниот суд да ги укине двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот, кој смртно одзеде недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави тогаш Мицкоски.