Македонија
Затворени повеќе улици во Центар поради протест

Поради протест, кој е најавен за денеска во 17 часот, во центарот на Скопје ќе има изменет сообраќаeн режим, соопшти МВР.
Протестот ќе почне пред зградата на ЕУ на бул.„Климент Охридски“ и ќе продолжи по бул.„Св.Климент Охридски“, ул.„Димитрие Чуповски“ до пред Собрание на Република Северна Македонија.
Затворени за сообраќај од 15 часот до завршување на протестот, ќе бидат следните улици: ул.„Кирил и Методиј“, бул.„Св.Климент Охридски“, ул.„Димитрие Чуповски“, ул.„11-ти Октомври“, ул.„Македонија“ и ул.„Даме Груев“, а сообраќајот ќе биде пренасочен по бул.„Кочо Рацин“, бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“, бул.„Партизански Одреди“, ул.„Павел Шатев“, ул.„Антон Попов“ и други околни сообраќајници.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Минатата недела повеќе македонски здруженија најавија дека ќе учествуваат на протест против, како што велат, омаловажување на македонскиот национален идентитет и достоинство. Повик за семакедонски собир пред канцеларијата на Европската Унија испрати и владиката Агатангел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.