Македонија
Затворен патот од Драчево кај пругата до селото Лисиче

Од вчера патот од Драчево кај пругата до селото Лисиче е затворен и ќе остане така една недела поради асфалтирање, информира АМСМ.
Инаку, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини утрово е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Ќе изградиме Дом на култура во Бутел

„Почитувани граѓани на општина Бутел, денеска се наоѓам во дворот на велелепниот храм Свети Јован. Доблесно е кога нешто нема да успеете да направите, да признаете, но бидете сигурни дека во потегот позади мене ќе изградиме нов модерен плоштад со културен дом“, рече Дарко Костовски, кандидат за градоначалник на општина Бутел од ВМРО-ДПМНЕ.
„На оваа тематика работевме во изминатиот период. Успеавме да ги надминеме сите имотно правни проблеми и успеавме да направиме еден убав модерен проект за којшто архитектите обезбедија и 3Д анимација којашто ќе можеме да ја погледнеме.
Плоштадот ќе се простира на 3000 метри квадратни. Домот на култура ќе се простира на 900 метри квадратни. За овој проект се потребни 100 милиони денари. Истите ќе бидат обезбедени од страна на буџетот на општина Бутел“, изјави Дарко Костовски, кандидат за градоначалник на општина Бутел од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Извештаи за примени донации доставиле 35 отсто од учесниците во изборната кампања

Согласно Изборниот законик, учесниците во изборната кампања за Локалните избори 2025 година, имаат обврска да поднесат извештаи за примени донации во текот на изборниот процес како извор на нивно финансирање. Обврската се однесува и на финансиски извештај со податоци за вкупните приходи и расходи на изборната кампања, во законски утврдени рокови, со што се овозможува следење на законитоста на финансирањето и трошењето на средствата од страна на надлежните институции, како и увид на јавноста во изворите на приходи и начинот на трошење на средствата во изборната кампања, со цел зајакнување на довербата во изборниот процес.
Согласно рокот за доставување на Извештај за примени донации на трансакциска сметка за изборна кампања, за период од отварање на сметката до 11-от ден од изборната кампања односно заклучно со 09.10.2025 година до 24,00 часот, до ДКСК доставени се вкупно 61 извештаи, што изнесува нешто над 35% од вкупниот број на учесници во изборниот процес. Сите 19 коалиции доставија извештаи за донации, примени се 18 извештаи од политичките партии и 24 извештаи од независни кандидати, поддржани од група избирачи.
По истекот на рокот, доставени се уште 2 извештаи од политички партии.
Извештаите за донации се објавени на веб страната на ДКСК, на следниот ЛИНК.
Македонија
Скопје е хаотично оти јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, мој приоритет е нивна вистинска реформа, вели Шукова

За кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, Скопје денес изгледа запуштено, нечисто и хаотично затоа што јавните претпријатија се заробени од партиски интереси, долгови и неспособни раководства. Таа констатира дека граѓаните плаќаат за услуги, а добиваат насобран смет, нефункционален јавен превоз и хаотична инфраструктура.
„Мој приоритет е вистинска реформа на јавните претпријатија, да им служат на граѓаните, а не на партиите. ЈСП се модернизира со нови еколошки автобуси, електронски систем за наплата и брз автобуски транзит за да се воспостави за да се воспостави јавен превоз што функционира. ‘Комунална хигиена’ се ревитализира со современ центар за селекција и рециклажа, редовно собирање отпад и конечно решавање на ‘Вардариште’. Во ‘Паркови и зеленило’ се отвора нова ера, десет илјади дрвја и петнаесет паркови за петнаесет месеци со редовно одржување и враќање на зелените површини во маалата. ‘Водовод’ се насочува кон стабилно снабдување, модерна опрема и намалени загуби на вода. Јавното претпријатие ‘Лајка’ се надградува во вистински хуман систем за згрижување и грижа за уличните животни“, рече денес Шукова.
Таа уверува дека со нејзината програма Скопје ќе добие функционални и транспарентни јавни служби и ќе прерасне во град што ќе работи и се грижи за жителите.
„Време е институциите да им служат на граѓаните, а не на партијата“, рече Шукова.
Политичките партии имаат уште четири дена за претставување на програмите пред да настапи изборниот молк за локалните избори.