Македонија
Затворот „Идризово“ бара командирите и дома да добијат обезбедување оти за три месеци изгореа шест нивни автомобили
Затворот „Идризово“ бара командирите на смена и чуварите од затворската полиција да добијат обезбедување додека се дома оти постојано добиваат закани, а во последниве три месеци во подметнати пожари изгореа шест нивни автомобили. Директорот на затворот, Зоран Јовановски, за „Макфакс“ вели дека веќе разговарале со претставници од Министерството за внатрешни работи за продлабочување на соработката.
„Побаравме обезбедување и ја разгледуваме можноста командирите да добијат обезбедување додека се дома. Закани добиваат постојано и за нив тоа и не е толку страшно оти знаат каде работат, во затворот, меѓу другото, беше прогласена кризна состојба, но тешко и стресно е за семејствата. Ова го бараме за да ги заштитиме токму семејствата. Сите пожари на автомобилите беа дома кај вработените, затоа бараме сите што добиваат закани, што се на изложените места во затворот, да добијат обезбедување дома“, вели директорот Јовановски.
Иако немаат доволно вработени, Јовановски вели дека се подготвени да учествуваат и да го делат обезбедувањето на домовите на вработените со полицијата.
Тој потврди дека во последниот пожар пред два дена вторпат изгоре автомобил на нивен командир.
Во пожар почнаа да горат автомобили на вработени во затворот во средината на април годинава. Тогаш изгоре и службениот „пасат“ на заменик-директорот на затворот, Феми Јонузи, кој си заминал дома со службеното возило.
Министерството за внатрешни работи во соработка со Обвинителството сѐ уште ги истражува сите шест случаи на опожарени возила.
„Во изминатиот период во СВР Скопје евидентирани се шест пријави за опожарени возила на лица што работат во затворската полиција, конкретно во КПУ ‘Затвор Идризово’. За сите случаи преземени се сите неопходни мерки и активности во координација со јавен обвинител и по негови насоки се преземаат дополнителни мерки и активности за нивно целосно расчистување“, велат од МВР.
За барањето за обезбедување на домовите на изложените затворски полицајци, дополнително ќе известат. Од 8 јуни, кога беше прогласена кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување безбедносни закани, за одржување на редот во затворот на затворската полиција ѝ помагаат полицајци од Министерството за внатрешни работи и војници од Армијата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела се пофали дека откако тие заедно со Армијата помагаат во „Идризово“, драстично се намалил бројот на разбојништва и кражби и на територијата на општина Гази Баба, но и на територијата на градот Скопје, што им укажало дека се регулираат и бегствата од затворот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

