Македонија
(Видео) Затворска казна за Груевски, а условна за Јанакиески и за извршителите во „Насилство во Центар“
Судот изрече казна затвор од 1 година и 6 месеци за Никола Груевски, а за Миле Јанакиески условна казна од една година доколку во следните четири години го повтори кривичното дело. Казни добија и петте лица кои обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски ги гонеа како извршители за предметот „Насилство во Центар“.
Александар Трајковски, Дарко Стојчевски и Трајче Петковски добија условна казна девет месеци ако во рок од три години сторат истото кривично дело, додека Даниел Трипуновски, Игор Бошковски добија шест месеци условна казна доколку следните две години сторат кривично дело. Сите се осудени за кривичното дело насилство.
„Обвинетите се виновни. Судот одлуката ја донесе врз основа на доказите, особено исказите на сите оштетени, сведоците, репродукцијата на снимените телефонски разговори, репродукцијата на видео записите од настапните со кои Обвинителството успеа да докаже надвор од разумно сомневање, сторено кривично дело од обвинетите. Судот ги одмери кривичните санцкии во границите кои се пропишани со закон за предметното кривично дело, имајќи ги впредвид тежината на делото и целите на казнувањето. Судот ги ценеше сите околности кои влијаат во одмерувањето на санкцијата. Меѓу другото, степенот на кривичната одговорност, побудите, а тоа е спречување на одржување на седницата на советот, јачината на загрозувањето на јавниот ред, поранешниот живот на обвинетите кои се неосудувани, освен, Никола Груевески, отсуството на потешки последици, нискиот износ на штетата, како и судската пракса”, рече судијата Јосифов.
Тој образложи зошто предметот се суди со години.
„Како судија бев соочен со пречки, кои беа последица постапката да се води до денес. Бранителите често пати отсуствуваа, обвинетите бараа одложување поради болест, предметот беше и во Судски совет. Но и покрај тоа, испитување на сведоци, докази, судот во законски рок со почитување на правата на странките ја заврши постапката“, рече судијата Душан Јосифов.
Предметот „Насилство во Центар“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а во Кривичниот суд се суди веќе четврта година. Обвинетите се товареа, а судот им досуди казни, поради поттикнување и организирање насилни протести пред просториите на Општина Центар во 2013 година, за време на седница на Советот каде се разгледувале детални урбанистички планови.
Според обвинението, на демонстрантите им било кажано дека ќе протестираат поради наводно рушење на црквата св. „Константин и Елена“ која е во фаза на изградба на улица Македонија.
„Откако обвинетиот Никола Груевски дознал дека била закажана седница на која требало да се расправа за поништување на неколку ДУП-ови, меѓу кои и деталниот урбанистички план за „Мал Ринг“, во телефонски разговор со второобвинетиот Миле Јанакиески побарал да организира да се собере група членови на партијата и да се изврши грубо насилство врз градоначалникот Андреј Жерновски. Јанакиески го прифатил барањето и истиот преку осудениот Томислав Лазаров како член на хиерархиски подредените органи на партијата дал насоки во времето кога ќе се одржи седницата, да се организираат пред општината да пристигне поголема група членови на ВМРО-ДПМНЕ и да го спречат одржувањето на седницата со грубо насилство“, пишува во дел од обвинението.
Понатаму, обвинителите Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи додаваат дека осудениот Томислав кој доби условна казна го организирал дел од членството.
„Пред Општина Центар се собрала поголема група, меѓу кои и обвинетите, кои во група со непознати лица влегле во дворот и почнале насилнички да се однесуваат коноштетените“, се додава во обвинението.
Обвинета во случајот беше и екссоветничката во Центар, и експратеничка Даниела Рангелова, која беше ослободена од обвинението кога се даваа завршните зборови.
Осудениот Груевски, истовремено е и помилуван за предметот „Насилство во Центар“ од експретседателот на државата, Ѓорѓе Иванов. Неговиот адвокат назначен по службена должност, откако Груевски избега во Унгарија и стана азилант, пред судот рече дека не може да му се суди на неговиот клиент, повикувајќи се на аболицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.
Македонија
Промовирани првите акредитирани учебници по психијатрија
Амфитеатарот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска беше полн – претставници од Министерството за здравство, деканот и продеканите на Медицинскиот факултет, раководители на катедри, голем број професори, доктори, специјализанти и претставници на студентски организации присуствуваа на свечената промоција на првите акредитирани учебници по психијатрија, со што се испиша историја во македонската психијатрија.
Уредници на првиот акредитиран учебник „Психијатрија“ се проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска, проф. д-р Антони Новотни и проф. д-р Димитар Боневски. Тие се и автори на учебникот „Медицинска психологија и социологија“, заедно со Андромахи Наумовска, виш научен соработник.
Промоцијата на двата учебника ја отвори деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, кој рече дека учебниците ќе остават траен белег во наставата по психијатрија и ќе претставува значаен чекор напред во развојот на психијатриската наука во Македонија.
„Ова е историски момент, затоа што се темели на основите поставени од нашите професори од почетоците на психијатријата во Македонија. Ова се први учебници што се акредитирани и имаат академско, научно и практично значење“, рече Арсова Хаџи-Анѓелковска, директорка на Клиниката за психијатрија и автор на учебниците.
„Информации има насекаде, често расфрлани, без контекст, без тежина, без проверка. Учебникот е нешто сосема друго – тоа е знаење, со вткаено искуство, структура, логика, клиничко размислување, сомнежи, одговори, приоритети – тоа е учебникот што се обидувавме да го направиме и се надевам така ќе го доживеат нашите колеги“, рече во своето обраќање проф. д-р Антони Новотни.
Во однос на учебникот по „Медицинска психологија и социологија“, авторите кажаа дека станува збор за издание кое треба да го прочита секој доктор, бидејќи станува збор за водич за целосно разбирање на пациентите – како личност со своја историја, ставови, надежи и ресурси и дека тука лежи суштината на медицинската психологија – во спојот меѓу науката и човечноста.
Во знак на благодарност за минатиот труд и придонес во развојот на катедрата и наставата, директорката на Универзитетската клиника за психијатрија, Славица Арсова им додели благодарници на професорите во пензија од Универзитетската клиника за психијатрија и на рецензентите, за значаен придонес во развојот и унапредувањето на психијатријата.
Со издавањето на новите учебници, заокружени со денешниот настан, македонската психијатрија добива институционална зрелост – формализирана, акредитирана и систематизирана во сопствено академско издание.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.

