Македонија
(Видео) Затворски казни за двајцата обвинети за насилството во Собранието
Затворски казни за двајцата обвинети за насилството во Собранието на 27 април изрече кривичниот суд во Скопје. Обвинетиот Цејо Георгиевски е осуден на една година и два месеца, а три години затворска казна доби Стојан Павлевски. Во казната ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.
Стојан Павлевски прв влегол и се упатил кон пратениците и почнал да ги напаѓа, образложи судијката, според која тоа е причината за повисоката затворска казна што што му е изречена.
– Ако некој си зема право вака да влегува и да се однесува во законодавниот дом, што се случува со другите објекти, што се случува со домовите на граѓаните? За ова мора да се сносат последици – рече судијката при читањето на пресудата.
На двајцата им се судеше за насилство во одвоената постапка за нападот врз пратеникот Зијадин Села во Собранието од 27 април минатата година. Стојан Павлевски и Цејо Ѓоргиевски признаа вина кога обвинителот го преиначи обвинението од обид за убиство на Села во насилство. На снимките ги немало двајцата како го тепаат Села, туку само се гледало дека меѓу првите влегуват во прес-центарот и почнуваат да фрлаат и замавнуваат со предмети врз пратениците.
Обвинителот Дарко Јакимовски во завршните зборови кажа дека со оглед на признанието на вината судот обвинетите да ги прогласи за виновни и казни за стореното дело.
„Казната за ова дело е од шест месеци до пет години, што отвора можност за алтернативна санкција. Сметам дека какво било алтернативно казанување ќе значи банализација на делото. Ако вака лесно се влегува во Собранието и се напаѓа, што станува со другите заштитени објекти. Обвинетите биле свесни, без разлика на поводот, дека ја надминале дозволената граница“, рече Јакимовски. Тој додаде дека обвинетите не одговараат само за напад врз Села, туку за целокупните дејства во Собранието и прес-центарот.
Постапката за седуммина обвинети за крвавиот напад врз Села во Собранието продолжува на 2 и 5 јули за кога се закажани завршни зборови. За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

