Македонија
Захариева: Властите во Македонија ќе направат сѐ што можат Бугарите таму да се сѐ помалку
И Европа и ние ќе го следиме пописот во РСМ и очекуваме да се спроведе според сите европски стандарди и правила, рече Екатерина Захариева, до неодамна заменик-премиер и министер за надворешни работи во интервју за бугарски медиуми.
Скопје го одложи пребројувањето поради проблеми со Албанците, додаде Захариева.
„Пред четири години виновна им беше Грција, две години подоцна виновни им беа други две држави, Холандија и Франција, сега виновна е Бугарија. Скопје не треба да бара надворешни причини за недостигот на реформи во државата“, вели таа.
На прашањето дали Бугарија треба да реагира ако на пописот малку луѓе се изјаснат како Бугари, Захариева вели дека дури откако Бугарија реагирала на низа случаи на нарушување на правата на лицата со бугарска самоопределба, постојат луѓе кои веќе даваат одредени писмени сигнали, но страв сè уште има.
„Тогаш кога не можете да најдете работа или да ја загубите работата само затоа што сте се определиле како Бугари, кога без никаква причина ве посетуваат агенти од националната безбедност, тогаш кога таблиците на автомобилот ќе бидат оштетени само затоа што се бугарски, кога има притисок повеќе од 80 години, стравот е разбирлив. Но, откако ја видоа поддршката од Софија и видоа дека Бугарија нема да продолжи да молчи, дел од нив престанаа да се плашат. Сепак, страв сè уште има. Видовте што се случи со претставникот на Евровизија, тоа беше јавно пред очите на целиот свет. Така што се надевам дека Скопје нема да има образ да го негира тоа“, вели Захариева.
Поради тој страв, како што вели, Захариева не очекува на пописот сите коишто имаат бугарски пасоши да се изјаснат како Бугари и смета дека властите во Македонија ќе направат сè што можат Бугарите таму да се сè помалку.
„Ние немаме претензии за тоа како тие себеси ќе се наречат. Проблемот со правото на самоопределување не е наш туку е нивен. Тие имаат проблеми со луѓето кои живеат таму и се чувствуваат и Македонци и Бугари.
Бугарија никогаш немала проблем со нивното право на самоопределување. Немаме претензии и не сме барале промена во нивниот Устав. Имаме проблем со јазикот на омраза кон сè што е поврзано со Бугарија, заради фалсификување на историјата“, изјави таа.
Според неа, подобро е Република Северна Македонија и Албанија да одат заедно на патот кон европските преговори, но тука функционира принципот на сопствени заслуги. Пред три години, Скопје се обиде да се оддели од Албанија, но сега кога Тирана официјално не го побара тоа, сè повеќе се зборува за отцепување на Албанија од РСМ, коментира Захариева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..