Македонија
Захариева: Во моментов Бугарија не може да ѝ каже „да“ на Северна Македонија
Нема начин во оваа фаза да се каже „да“ за почетокот на преговорите меѓу РС Македонија и ЕУ, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, нагласувајќи дека Бугарија не ги оспорува јазикот и современиот идентитет на населението.
„Ние ја изразивме нашата позиција многу јасно. Сега тоа е видливо во јавноста. Уште минатата година Владата достави декларација до парламентот, која беше поддржана од сите партии. Значи, нашиот став за СР Македонија не е нов, како што тврдат некои. Мислам дека имаме обединување на оваа тема“, рече министерката за БТВ.
Таа посочи дека е во интерес на Бугарија сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ.
„Во моментов Бугарија не е во можност да ја одобри рамката за преговори со Северна Македонија. Постои Договор за пријателство и добрососедство, кој беше потпишан во 2017 година и ратификуван во 2018 година, но тој не се спроведува“, рече Захариева.
Таа повтори дека и покрај шпекулациите во Македонија, Бугарија нема претензии за тоа како да се определуваат граѓаните на оваа република, но и Македонците не треба да имаат претензии за бугарската историја.
„Не е само историјата тоа што загрижува, туку и говорот на омраза. Непризнавањето на историската вистина доведува до доста сериозни проблеми во односите меѓу двете земји“, објасни Захариева.
„Кабинетот е обединет по прашањето за Македонија, јас сум во постојан контакт со премиерот Бојко Борисов. Какви било шпекулации дека некој ќе промени нешто во последен момент не се вистинити“, категорична е Захариева.
Според неа, треба со добра волја да се спроведе договорот потпишан меѓу двете страни, а не да се барааат начини за негово заобиколување.
„Ние не сакаме бугарско малцинство во СР Македонија, затоа што тоа значи признавање на делото на оние кои работеа 75 години за уништување на бугарската самосвест на тамошното население, за нејзино бришење. Таму мора да се создадат услови за луѓето кои го прогласуваат својот бугарски идентитет во Македонија да не бидат дискриминирани и слободно да можат да се изјаснат за тоа што се“, нагласи Екатерина Захариева.
„Сè уште не сме се согласиле за сите прашања за да кажеме ‘да’. Премиерот Борисов исто така ѝ објасни на канцеларката Ангела Меркел дека напредокот не е доволен“, рече Захариева.
Во врска со работата на Заедничката бугарско-македонска комисија и договорот што историчарите го постигнале за 5 лица, Захариева вели дека резултатот не е објавен јавно и не е влезен во учебниците. Ова значи дека резултатот од работата на комисијата е минимален бидејќи не стигнал до македонското општество, вели Захариева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

