Македонија
Захариева: Во Северна Македонија постои заблуда дека нешто ќе се промени по изборите во Бугарија
Во Северна Македонија постои заблуда дека нешто ќе се промени по изборите во Бугарија. Ова го изјави вицепремиерката и бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во програмата на БТВ, прашана дали соседите од Северна Македонија ги чекаат изборите во Бугарија за да ги решат своите проблеми со започнување преговори за членство во ЕУ.
Захариева коментира дека бугарското општество и партии имаат многу сличен став на оваа тема.
„Постои заблуда дека нешто посебно ќе се промени. Наместо тоа, ако се промени, може да се влоши за нив“, рече бугарската министерка.
Во врска со посетата на специјалниот претставник на македонската влада, Владо Бучковски, Захариева изјави дека немало ништо тајно на состанокот.
„Ние сме во постојана комуникација со нив. Нема ништо посебно. Станува збор за, тие го нарекуваат план, ајде да го наречеме така, јас се движам според договорот од 20017 година. Минатата година беше нивниот ред да свикаат комисија за спроведување на договорот. Работевме за да имаме идеја како замислуваме заедно да се вратиме и да го надоместиме изгубеното време“, додаде таа.
Захариева коментира дека има поплаки од бугарски компании и универзитети кои сакаат да бидат акредитирани таму и се соочуваат со непотребни и сомнителни административни пречки.
На прашањето дали продолжува антибугарската кампања во Северна Македонија, министерката за надворешни работи рече дека еден од предусловите разумно да се согледаат проблемите е да се намалат емоциите.
„Колку повеќе разговараме едни со други без емоции и обвинувања, толку поголеми шанси имаме да ја завршиме работата“, рече таа.
Истакна дека тезата оти Бугарија се обидува да го негира идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија е една од заблудите во однос на бугарската позиција.
„Ние сакаме да ги надминеме стереотипите од минатото“, рече Захариева посочувајќи во тој контекст на „говорот на омраза и антибугарската политика“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

