Македонија
За Бојмацалиев, полицијата е модерна и европска, Тошковски, пак, шокиран од недостоинствените услови во кои работат
Со свеченост во паркот кај авионот во скопско Ново Лисиче денес беше одбележан Денот на полицијата, 7 Мај. Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, и дополнителниот заменик-министер, Митко Бојмацалиев, во говорите уште еднаш покажаа дека поинаку гледаат на состојбите во македонската полиција. Бојмацалиев, кој говореше прв, а го слушаа само првите неколку редови гости и полицајци оти голем дел од столчињата беа празни, смета дека полицијата е модерна и европска. За разлика од него, техничкиот министер Тошковски го шокирале условите во кои работат полицајците.

„Овој празничен момент не е време да држиме долги политички говори, туку да се осврнеме на клучното во полициската професија, а тоа се нашите колеги, полициските службеници, кои секојдневно посветено и неуморно ги извршуваат своите службени задачи. Им оддавам признание на колегите што не се со нас, вечна им слава. Северна Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на глобалниот индекс за мир бидејќи вложувавме во развојот на модерна и европска полиција. Вложивме 17 милиони евра во подобри услови и изградба на полициски објекти, 14 милиони евра за нови униформи и опрема, ја покачивме платата 35 отсто и ги исплативме сите бонус плати. Единствено, жалам што немавме кога да издадеме уште една монографија за периодот 2022 – 2024 година бидејќи во тој период се реализираа многубројни достигнувања за државата и полицијата. Благодарам од срце за сите убави моменти од 2017 до денеска. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да го направиме МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за полицијата да остане непоколеблив бедем за заштита“, рече Бојмацалиев.
Веднаш по него, техничкиот министер Тошковски, заблагодарувајќи им на полицајците, кажа дека работат во недостоинстевни услови.

Ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, рече техничкиот министер Тошковски
„Утре навршуваат 100 дена од моето раководење со оваа значајна институција, 100 дена макотрпна работа, во кои го дадовме најдоброто од себе за да им служиме на граѓаните. Кога ја добив честа да бидам назначен на оваа позиција во рамките на техничката Влада, знаев дека ме очекува напорна задача и знаев дека сум исправен пред тежок и сериозен предизвик, но ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со толку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, а истовремено и дека ќе сведочам на толку неизмерна желба меѓу нив за професионално и чесно да си ја вршат својата должност и да им помагаат на оние на кои тоа им е најпотребно. Краток период, би рекол, но сметам дека е и повеќе од доволен за да увидам одблиску дека во полициските редови сѐ уште има чесни луѓе, луѓе што си ја сакаат татковината и луѓе што работат за нејзино добро“, рече Тошковски.

Свеченоста почна со празни столчиња
Тој е задоволен што под негово водство полицијата успеала да обезбеди фер и демократски избори. Најави нова ера во Министерството, каде што унапредувањето ќе се врши исклучиво врз основа на мерит-систем, а платите ќе го одразуваат непроценливиот придонес што го даваат полицајците за општеството.
„На истекот на овие 100 дена научив една многу важна лекција, која се надевам дека ќе одекне меѓу сите вас што сте тука денес. Можеби хероите во филмовите носат наметки, но хероите од нашата реалност носат полициски униформи“, рече техничкиот министер за внатрешни работи, Тошковски.
Тој им врачи благодарници и плакети на најдобрите полицајци, а присутните проследија и прелет на три полициски хеликоптери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

