Македонија
За бугарскиот центар „Иван Михајлов“, топката ја префрливме на Обвинителството, рече Бендевска
Бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола не го смени името и не ги отстрани содржините за кои Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека се потешка форма на дискриминација и по истекот на дадениот рок. Весна Бендевска, известител на предметот, вели дека за овој предмет понатаму ќе постапува Обвинителството оти утврдиле дека во прекршувањето што го направил клубот има елементи што упатуваат на Кривичниот законик.
„Комисијата на 21 ноември до Основното јавно обвинителство достави информација и копија од спорни содржини пласирани на фејсбук-страницата, што упатуваат не само на вознемирувачки говор во кој се велича ликот, делото и идеологијата на Иван Михајлов туку постојат и сериозни индиции дека се шират содржини што предизвикуваат расна, ксенофобична содржина, кои предизвикуваат нетрпеливост, омраза, дискриминација и ги повредуваат правото и слободата на поголем број луѓе, а тоа веќе упатува на одредби од членот 394 г од Кривичниот закон. Со тоа топката ја префрливме на Основното јавно обвинителство да постапува во согласност со своите надлежности според Кривичниот закон“, рече Бендевска.
Рокот за отстранување на спорните содржини истекол на 20 ноември, а Комисијата веќе утврдила дека не е постапено по дадените препораки. Казната за прекршувањето, која треба да ја изрече прекршочниот суд, изнесува од 3 до 10 илјади евра.
Комисијата чека известување од Министерството за правда, кое има обврска со вонреден надзор да утврди дали се применува Законот за здруженијата, а бугарскиот центар има обврска да докаже дека во Централниот регистар ќе ги смени името и актите, во кои стои дека нивна цел е промоција на ликот, делото и идеологијата на Иван Михајлов.
Во октомври Комисијата препорача здружението да ги отстрани содржините на својата фејсбук-страница, кои предизвикуваат вознемирување во форма на давање и поттикнување инструкции за вознемирување поврзани со ликот и делото на Иван Михајлов, кои се дискриминирачки за поголем дел од населението.
На почетокот на месецот и Уставниот суд извести дека оформил предмет, во кој се оспорени статутот и програмата на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска на нејзиниот роденден го доби Уверението за претседател, ДИК и’ посака успешен мандат
Државната изборна комисија и’ го издаде Уверението за избран претседател на Гордана Силјановска Давкова, која денес го прославува својот 71. роденден.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, врачувајќи и’ го Уверението на Давкова, од име на Комисијата и’ посака успешен мандат како шеф на државата.
Претходно, на седницата во ДИК беше усвоен Заклучокот за конечност на резултатите од гласањето на изборите на 8 мај.
Државната изборна комисија утврди дека вкупниот број на запишани избирачи за претседателските избори кои биле запишани во Избирачкиот список изнесува 1.814.317, вкупниот број на избирачи кои гласале бил 861.218, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња 953.121, вкупниот број на важечки ливчиња 812.899, вкупниот број на неважечки ливчиња 48.289 а процентот на избирачи кои гласале е 47.47 отсто.
Силјановска Давкова освои 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги отфрла неоснованите обвинувања и тактиките за поттикнување страв што ги користи ДУИ. Македонскиот народ се изјасни низ демократските процеси, а обидите за поткопување на неговата волја се неприфатливи.
Обидите на ДУИ да се сликаат како бранители на албанските права не се ништо друго туку фасада за прилепување до власта по секоја цена. Нивното искуство доволно говори за нивните вистински намери. ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицијата на македонските Албанци „Вреди“, се залага за правда, транспарентност и вистинска застапеност за сите граѓани на Македонија.
Нема да нè поколебаат тактики или закани за поделби.
Нашиот фокус е поддржување на владеењето на правото, промовирање на единството и унапредување на интересите на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.
Ја повикуваме ДУИ конструктивно да се вклучи во демократските процеси наместо да прибегнува кон тактики на страв и манипулации.
Иднината на Македонија е во единството, а не во поделбата“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија – ДИК објави конечни резултати од гласањето
Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од гласањето на претседателските избори на 8 мај, констатирајќи дека за претседател е избрана Гордана Силјановска Давкова, со 561.000 гласови, наспроти нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски кој има 251.899 гласови.
Уверението за избор за претседател на државата и за претстојната инаугурација на Силјановска Давкова ќе и биде доделено во просториите на ДИК.
ДИК ќе треба да достави извештај до Собранието за да биде закажана седница за утрешната инаугурација на Силјановска Давкова. Потоа таа пред пратениците ќе треба да даде свечена изјава по која ќе почне нејзиниот мандат. Мандатот на Пендаровски истекува утре.
Силјановска Давкова ќе биде шестиот претседател на Македонија. Претходно, оваа функција од осамостојувањето ја извршуваа Киро Гигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски.