Македонија
За да се спречи насилството врз децата, поддршка за родителите што се под притисок поради пандемијата
Може да се очекува зголемен број пријави за насилство врз децата и семејно насилство како последица на состојбата што ја имаме, посочи дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Таа вели дека претпоставуваат оти во вакви периоди жртвите на насилство не се сигурни дали институциите ќе постапат и затоа не пријавуваат. Шкријељ убедува дека жртвите треба да пријават бидејќи системот е функционален и ќе се направи сè што треба за тие да бидат заштитени.
„Во центрите за социјална работа не можеме да кажеме дека имаме зголемен тренд на пријави. Бројот не значи дека нема зголемување. Она со што се соочуваме кога е во прашање семејното насилство и во редовни услови, а особено во ваква состојба, е дека бројката на случи на насилство што не се пријавува е секогаш многу поголема од таа што се пријавува. Темната бројка е многу поголема. За очекување е да претпоставиме дека во вакви периоди сите што се соочуваат со насилство не се сигурни дали институциите ќе постапат, па затоа постојано ги охрабруваме и повикуваме да постапат со цел да знаат дека институциите функционираат и ќе направат сè што треба да ги заштитат. Кај нас во центрите за социјална работа немаме зголемен тренд на пријави на семејно насилство“, вели Шкријељ.
Таа повикува родителите и децата да се јавуваат на линиите за поддршка со цел да им се помогне за справување со предизвиците со кои се соочуваат поради вонредната ситуација и коронавирусот.
„Децата се ранлива категорија. Може се очекува да има и појави на насилство врз децата, и тоа зголемени. Токму затоа со УНИЦЕФ ги воспоставивме платформите и линиите за поддршка на родителите и децата. Треба да сме свесни дека сите ние се соочуваме со предизвици при справувањето со оваа состојба, дека родителите исто така се под притисок, така што преку т.н. линија за позитивно родителство им нудиме онлајн-поддршка како да се справат со предизвиците со кои се соочуваат“, додава Шкријељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот на општина Гази Баба се откажува од користењето службено возило
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, објави дека се откажува од користењето на службено возило
„Никогаш немам дозволено личните привилегии да бидат мотив или водилка во мојата работа. Поради тоа, сакам да ја информирам јавноста дека и во мојот втор мандат се откажувам од користењето на службено возило кое е предвидено за користење на градоначалникот, како и од средствата за репрезентација од буџетот на општината“, вели Стефковски.
Како и во изминатите четири години, додава тој, така и во следните четири, сите службени обврски ќе ги реализирам со моето приватно возило, а службеното возило го отстапувам на администрацијата со цел поефикасна работа на терен.
„Додека сум јас градоначалник во буџетот на општина Гази Баба нема да има место за непродуктивни трошоци. Средствата од буџетот мора да се користат одговорно, домаќински и исклучиво за потребите на граѓаните и за развој на нашата општина“, вели Стефковски.
Македонија
Мицкоски тврди дека немало напад врз Владимир Перев
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека немало напад врз новинарот и публицист Владимир Перев, кој пријавил во полиција дека бил нападнат во Скопје.
„Апсолутно отфрлам дека каков било напад е направен врз ова лице“, рече Мицкоски.
Тој обвини за конструкции и инженериг од страна на Бугарија и вели дека тоа не е ништо ново.
„Некој може да накисне на дождот надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата со кој се загрозува интегративниот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како хибриден напад или не знам каков друг напад, тоа е друга работа. Не очекувајте дека ние ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг. Тоа е тоа, ние сме навикнати на тоа. Инаку, апсолутно отфрлам, а и имав консултации во текот на вчерашниот ден, дека каков било напад е направен врз ова лице“, одговори Мицкоски на новинарско прашање како ги коментира реакциите на МНР на Бугарија и на бугарскиот претседател Румен Радев, кои, по објавата за нападот на Перев, побараа институциите во земјата да спроведат ефикасна истрага.
80-годишниот Перев пријавил во полиција дека на 21 ноември бил физичи нападнат од едно лице во маркет на подрачјето на Центар.
Македонија
(Видео) Филипче: Нема гаранција дека прашањето со Бугарија ќе остане единствениот услов
Нема гаранција дека билатералното прашање со соседна Бугарија ќе остане единствениот услов за напредок во евроинтегративниот процес, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на Националната конвенција за Европската Унија, оценувајќи дека најновиот извештај на Европската комисија е сериозен аларм за состојбата во која се наоѓа државата.
„Можно е да не биде единствен услов решавањето на билатералниот проблем со еден од соседите. Зошто? Затоа што не сме спремни. Нема никакво придвижување, ништо во делот на подготовките за отворање на кластерите, особено на првиот – fundamentals“, рече Филипче.
Како особено сериозен проблем го посочи недонесувањето на трите клучни патокази за владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и јавната администрација. Според него, дури и да се изгласаат уставните измени, преговорите со ЕУ нема да можат да започнат веднаш.
„Сега да се случат уставните измени, ние утре нема да можеме да ги почнеме преговорите со Европската Унија, што ја става под знак прашање политичката волја на оваа владејачка гарнитура да направи нешто во делот на евроинтеграциите“, рече Филипче.
Тој посочи дека ваквата ситуација се случува во време кога Европската Унија испраќа јасни сигнали дека е подготвена за проширување и охрабрување на кандидатите.
„Јасни се сигналите од Европската Унија дека има волја да се стави акцент на процесот на проширување. На минатиот состанок кога беше присутна амбасадорката на Данска, ги образложуваше приоритетите на данското претседателство со ЕУ и јасно кажа: ние бевме најголеми скептици за проширувањето, а сега даваме зелено светло и ги поддржуваме сите земји-кандидати да продолжат со реформите, затоа што проширување евидентно ќе има“, порача Филипче.
Тој истакна дека Северна Македонија го добила најлошиот извештај во последните повеќе од десет години.
„Жалам што го добивме најлошиот извештај на Европската Комисија за нашата земја изминатите повеќе од деценија. Јасно е констатирано во извештајот дека изминатата година реформи нема. Мислам дека го кажав тоа и на претходниот состав на Националниот Совет – дека единствен полош извештај е 2015 година, кога сме оценети како заробена држава, но власта и сега го прави“, рече Филипче.
Во своето обраќање тој предупреди дека доколку продолжи актуелната политика на застој и одбивање на реформи, постои реален ризик државата да биде вратена назад во евроинтегративниот процес.
„Ако вака продолжиме, и тоа беше дел од дискусијата на Националниот Совет во минатиот состав, не сум сигурен, можеби Европската Унија ќе не врати повторно на ниво на скрининг“, изјави Филипче

