Македонија
За децата со посебни потреби, кои не може да следат редовна настава, министерката Јаневска најавува општински училишта со ресурсен центар

Тоталната инклузија во образовниот процес на децата со посебни потреби кај нас, министерката за образование, Весна Јаневска, смета дека е неуспешна оти има родители и деца што се жалат дека со ваквиот концепт се дополнително дискриминирани. Новата Влада бара друго решение за децата со посебни потреби за кое министерката Јаневска уверува дека нема да значи издвојување, селектирање или нивна дискриминација.
„Сите оние дечиња што може да одат во редовна настава, ќе си одат во редовна настава, но има родители и цели здруженија што се жалат дека нивните деца не може да ја следат таа настава затоа што ниту наставниците ниту образовните асистенти може да се справат со тој процес. Во еден клас со 34 деца, државата се труди да стави по едно дете, но некогаш се и по две и по три. Ним им треба посебно внимание. Ќе бараме решение во правец на општински училишта со ресурсен центар, но само за оние што не може да следат редовна настава. За децата со мултихендикеп и за децата со повисока интелектуална попреченост предлагаме да останат таканаречените посебни училишта, го користам овој термин за да биде разбирливо и за родителите и за целата јавност. Притоа ќе им дадеме можност на родителите, што сега ја немаат, да изберат во согласност со комисијата за функционална процена во какво училиште или во какво училиште со ресурсен центар ќе сакаат нивните деца да учат“, вели министерката Јаневска.
Оваа измена Јаневска вели дека ќе ја направат релативно бргу иако треба да се донесе и законско решение. За измената, освен разговори со здруженија, со родители и со наставниците, Јаневска најави дека ќе ја вклучи и стручната јавност, односно експертите што со години се занимаваат со оваа проблематика од универзитетите и факултетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.