Македонија
За една недела казнети 289 возачи за непрописно паркирање во Центар
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција во изминатите седум дена санкционирале 289 возачи за непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 22 до 28 јули, со помош на специјалните возила ‘пајак’ на ЈП ПОЦ, отстранети се 135 непрописно паркирани возила, а со поставување механичко средство ‘блокатор’ санкционирани се 154 возила што биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници резиденти на секторот во кој биле паркирани“, соопшти ПОЦ.

Од таму велат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за енергетика: Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.
Новата технологија, како што појаснуваат, овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови.
На овој начин, Министерството, додаваат од таму, ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.
Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.
„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.
Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.
Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.
Македонија
СДСМ: Пропустите на концертот на Лукас покажуваат дека МВР повторно затаи, Тошковски да не бега од одговорност
Пред нас е уште еден скандал кој покажува дека и после Кочани имаме целосно нефункционален систем, неспособност и потфрлање на институциите, пред се на полицијата на Тошковски обвинија од СДСМ.
„Во локал со дозволен максимум од 200 лица, имало над 700 луѓе или три и пол пати над дозволеното и спротивно на безбедносните протоколи. Опасност која можела да заврши трагично. И полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за настанот кој бил пријавен и не презеле навреме мерки. Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат“, велат од СДСМ.
Од опозицијата велат дека наместо да бега, Тошковски треба да одговори на клучните прашања зошто воопшто е дозволено настанот да започне со поголем број на луѓе, зошто МВР дозволило настанот со часови да се одвива со преполн капацитет, па дури по полноќ да го прекине и дали МВР ништо не научи од трагедијата во Кочани?
„Фактите се јасни: настанот бил во преполн објект, ризичен за безбедноста и со часови никој не направил ништо. Тоа е класичен рецепт за нова трагедија. Тоа е рецепт за ново „Кочани“. Бараме итна истрага и на МВР и на општината. Бараме санкции за сите кои дозволиле да се загрозат животите на стотици граѓани: од МВР кои не реагирале па се до организаторите. Тошковски да не бега туку да преземе одговорност“, велат од СДСМ.
Македонија
Мораме да се срамиме и да црвениме пред Стразбур, вели Мицкоски откако судот најави отворање предмет за случајот на Јанкулоска
Мораме да се срамиме и да црвениме пред Стразбур, вели премиерот, Христијан Мицкоски, откако судот најави отворање предмет за случајот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Забележав дека во соопштението јасно стои дека имаат забелешки на процесот, начинот на судењето, нарушување на човековите права и отвораат предмет да го разгледаат тој процес. Ќе ве потсетам дека за вакви случаи ние подолго време зборуваме. Тоа се овие судии на кои им е мала платата, сакаат двојно, тројно поголема. Партиски октроирани и заробени од страна на претходната влада“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот рече дека судијата што го водеше судскиот случај „Тенк“, денеска ги удира пензионерите за линеарното зголемување на пензиите.
„Видете кој го водеше овој случај ‘Тенк’ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија, денес ги атакува пензионерите за линеарното зголемување на пензиите, сака тоа право да им го одземе, а од друга страна бараат двојно, тројно поголеми пати. А гледате какви пресуди политички октроирани носат. За жал“, истакна Мицкоски и додаде:
„За жал мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур, поради ваквите малкумина судии кои за жал го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители кои за жал го контаминираат нашето обвинителство.“
Премиерот Мицкоски посочи дека во правосудството се потребни суштински реформи, а не зголемување на плата за која, како што рече, и така е драстично поголема од просечната плата во државата.
„Јас уште еднаш ќе кажам, реформи во делот на судството и обвинителството се апсолутно потреби, но суштински реформи, а не зголемување на платите на овие судии кои што не ја заслужуваат ни оваа плата, која што е драматично поголема од просечната плата во државата. Така што, апсолутно да, ја прочитав оваа информација која дојде од Стразбур и само таа е потврда за октроираното судство кое што за жал поединци внатре се заложници на претходната влада на СДСМ и ДУИ“, изјави Мицкоски.

