Македонија
Првпат Град Скопје субвенционира електрични тротинети и велосипеди за млади лица до 29 години
Во насока на стимулирање на младите лица да користат алтернативен и еколошки начин за превоз, Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлуки за субвенционирање млади лица за набавка на електрични тротинети и велосипеди.
Со одлуките првпат се предвидуваат субвенции за млади лица на возраст до 29 години, кои се жители на град Скопје.
Со првата одлука Град Скопје ќе субвенционира купување електрични тротинети за млади лица. Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет за лице се утврдува во износ од 50 % од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 8.000,00 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Со втората одлука Град Скопје ќе субвенционира купување велосипеди за млади лица. Максималниот износ за поединечна субвенција за купување електричен тротинет за лице се утврдува во износ од 50 % од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 4.000,00 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски на средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, изразена посветеност за понатамошно интензивирање на соработката
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, Рита Колумбиа.
На средбата беше разгледана досегашната соработка на министерството за внатрешни работи и агенциите на Обединетите нации во земјава, при што заеднички беше констатирано дека таа се одвива на исклучително продуктивно ниво.
Министерот Тошковски ги спомена двата проекти кои беа реализирани со помош на УНДП и се однесуваат на зголемување на капацитетите на полицијата за истрага на местото на настанот и за граничната и криминалистичката полиција и изрази задоволство од иднините проекти и чекори на соработка.
Од страна на постојаниот координатор на ОНН во земјава, Рита Колумбиа беше нотирана високата посветеност на МВР во почитувањето и заштитата на човековите права во повеќе области во делокругот на министерството и конкретните резултати кои го потврдуваат тоа.
Двете страни ги разгледаа следните фази во актуелните проекти за поддршка на министерството во делот на зајакнување на системот за форензика и истрага на местото на настанот, поддршка против злоупотребата и користењето на малото и лесно оружје, зајакнување на интегрираното гранично управување и други тековни проекти.
Финално беше изразена посветеност за понатамошно интензивирање на соработката на поголем број полиња во иднина.
Македонија
ЦУК: Мечка следела 15-годишно момче во Македонски Брод
Мечка вчера следела и гонела 15-годишно момче во атарот на село Крапа во Општина Македонски Брод.
Детето успеало да побегне, не било директно нападнато и не било повредено, иако паднало при бегањето кога заедно со стадото овци се враќало кон трлото, односно дома во селото.
Како што соопшти денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), случајот вчера бил пријавен на бројот за итни случаи 112 во ЦУК. Настанот се случил од 18:15 до 20:15 часот. Истиот настан бил пријавен и во ПС Македонски Брод.
Таткото на детето, кој има 61 година, искажал голема вознемиреност и страв за животот на децата. Информирал дека во последната година се почесто ги гледаат мечките околу нив. Пред еден месец мечка им грабнала една заостаната овца при движење на стадото и ја изела. Тоа, како што се наведува, го утврдиле на теренот, според пронајдените остатоци од исчезнатата овца и траги, а и измет, од мечката која тие ја именуваат како „мршарка“ (којашто јаде месо од угинати животни, но и од животни коишто ќе успее да ги фати, улови).
Според ова семејство и според забележаните траги околу нивното стадо од 300 овци, мечка или повеќе мечки во последната година, особено во време на последниот месец, биле спуштени во понискиот предел во ливадите кон селото Зрзе, но во правец повеќе на село Дебреште близу меѓуопштинската граница со Општина Прилеп, а сепак на територија на Општина Македонски Брод. Според трагите и лаењето на кучињата од селото Крапа, мечката или мечките се движеле и кружеле се почесто и се поблиску до селото, околу трлата со добиток.
ЦУК информира дека се преземаат безбедносни мерки за да се заштитат граѓаните и нивниот имот од можни напади на диви животни со хумани мерки.
Македонија
Костадиновски – Ортиз: Зајакнување на соработката со Шпанија преку билатерални средби на уставните судови
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шпанија во Скопје, Н.Е Рафаело Сориано Ортиз.
На средбата Костадиновски го информираше амбасадорот за клучните предизвици со кои се соочува Уставниот суд во извршувањето на своите надлежности.
Претседателот Костадиновски нагласи дека Уставниот суд, во околности на историски најниска доверба на граѓаните во севкупниот државен систем, како орган на Републиката, без оглед на какви било обиди за политизација и етнизација во постапувањето на Судот, ќе остане доследен и бескомпромисен во императивната заложба да го чува Уставот, да ја штити уставноста и законитоста, слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Заемна констатација на двајцата соговорници беше дека реалната посветеност за заштитата на владеењето на правото и правната држава треба да биде врвен приоритет на сите фактори во нашето општество како единствен начин за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот.
Една од можностите за унапредување на соработката помеѓу уставните судови на двете држави е преку организирање на билатерални посети помеѓу двата уставни судови, беше констатирано на средбата.
Во тој контекст, претседателот Костадиновски, го информираше амбасадорот за неговото планираното учество во 6. Конгрес на Светската конференција на уставна правда, кој ќе се одржи во месец октомври оваа година во Мадрид, каде што е планирана средба со претседателот на Уставниот суд на Шпанија, Кандидо Конде-Пумпидо на која постои можност за договарање на динамиката на билатерални средби за размена на добрите пракси и искуства.