Македонија
За расипани пилиња и полутки, државата 11 години не може да наплати 20 милиони евра
Поради нерешен судски спор кој трае повеќе од 11 години, државата не може да наплати штета од над 20 милиони евра од обвинети за противзаконско работење при купување свински полутки, смрзнати пилиња, шеќер, тутун и пченица за пополнување на стоковите резерви. Обвинетите префрлале пари на сметки на домашни и странски фирми, иако стоката не била целосно испорачувана.
Обвинителка Драгица Михајлоска, која е во пензија, во март 2005 година до кривичниот суд во Скопје поднела обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување против тогашниот директор на Бирото за стокови резерви, Ванчо Пеловски, и против Димитар Марковски, директор на ТД „Рудине“, како и против Методија Смиленски, кој тогаш не им бил достапен на органите на прогонот. Според обвинението, Пеловски и Марковски им овозможиле на странски и домашни фирми од 1999 година до крајот на 2002 година противзаконски да заработат приближно 1 милијарда и 200 милиони евра.
Дури две години откако обвинението било поднесено, пред 11 години, започнува судскиот процес. Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, која ги одложувала рочиштата и закажувала нови. Бегтовиќ ги суди двата предмета на СЈО, каде што е обвинет Сашо Мијалков. Таа не им дозволи на медиумите да направат снимки во судницата од Мијалков и покрај уредно добиените дозволи од Врховниот суд.
Во обвинението пишува дека во 1999 година првообвинетиот Пеловски донираната хуманитарна помош – смрзнати пилиња од Грција во Македонија во количина од 1500 тони, која Бирото требало да ја дистрибуира, ја продал на фирмата ТД „Рудине“ по принципот „видено-продадено“. Откако Димитар Марковски, директорот на ТД „Рудине“, му доставил записници за извршена контрола, бил избришан долгот кон Бирото за стокови резерви, за пилињата кои биле пријавени како расипани. Во одбраната, Пеловски тврдел дека било пракса да не се вршат проверки дали е примена целата количина месо.

Според обвинението во 2001 година, обвинетиот Пеловски без одлука на Владата, склучил и договор за набавка на пченица со фирма од Кипар во количина од 36,5 милиони тони. Со „Експорт импорт банка“ склучил договор за кредит за купување на пченицата, кој бил префрлен на фирмата „Гимекс лимитед“ од Никозија, иако обвинетиот знаел дека стоката не е набавена.
Истата година Пеловски, без да обезбеди гаранција дека австриска фирма ќе ја исполни обврската, склучил договор со фирмата „Дон традинг“ за отстапување на побарувањето, што тогаш Бирото за стокови резерви го имала од „Жито Битола“. Обвинетиот склучил договор со „Жито Битола“, со што ја намалил обврската на фирмата кон Бирото за стокови резерви. Методија Смиленски, кој имал парично побарување од „Жито Битола“, поради неможност да го наплати, издејствувал да влезе со основачки капитал и да купи 38% од акциите во „Жито Битола“, а испораката на пченица не ја извршил. Првообвинетиот Пеловски ја признал вината за ова кривично дело.
Во серијата од 6 точки на обвинението, во 2002 година Пеловски склучил договор со австриска фирма за набавка на 1000 тони смрзанти свински полутки за потребите на Бирото за стокови резерви. Биле склучени дополнителни договори според кои исплатата се врши директно до добавувачот. Обвинетиот уплатил аванс на австриската фирма, но биле испорачани само 467 килограми свинско место, а до Бирото биле доставени фактури за целата авансно платена количина месо. За неа, во светиниколската фирма „Фриго-Мак“ биле сочинети фиктивни приемници. Пеловски дал налог да се исплати целиот износ, иако фирмата ја нема испорачано целата количина свинско месо.
Првообвинетиот Пеловски за „Макфакс“ не сакаше да коментира ништо за судскиот процес. Изјави дека се смениле многу судии и обвинители и дека додека не биде донесена правосилна судска пресуда, не сака да коментира. Случајот до денеска нема судска разрешница. Кривичното дело застарува следната, 2019 година, а предметот сега е во рацете на судијката Оља Ристова. Првото следно рочиште е закажно за 3 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

