Македонија
За 29.539 се зголемил бројот на избирачи што се на привремена работа или престој во странство во споредба со изборите во 2021 година, заклучен Избирачкиот список
Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список за претстојните локални избори. Право на глас имаат вкупно 1.832.415 избирачи. Има 7.551 избирач повеќе отколку на изборите во 2021 година кога во Избирачкиот список беа запишани вкупно 1.740.147 избирачи.
„Вкупниот број гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија за локалните избори 2025 година изнесува 1.832.415 избирачи. Од овие избирачи, во изводите од Избирачкиот список се запишани 1.717.803 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лицата што во согласност со евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани вкупно 112.000 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани вкупно 2.162 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица што за време на изборите се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, а кои поднеле пријава за гласање, значи по принцип на активна регистрација во установата во која се згрижени, се запишани вкупно 450 избирачи. Ова е за домовите за стари лица“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.
Државната комисија едногласно донесе одлука за заклучување на Избирачкиот список за локалните избори 2025 година.
Според податоците што ги презентира претседателот Кондарко, во сегашниот Избирачки список, покрај тоа што се бележи раст на бројот на запишани избирачи на привремена работа или престој во странство, зголемени се и бројките на избирачи во казнено-поправните установи и во домовите за стари лица.
Во казнено-поправните домови оваа година има 263 лица повеќе во споредба со изборите од 2021 година, а во домовите за стари лица бројката на избирачи е поголема за 99 избирачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.
Македонија
Минчев: ИСУЧР како единствен систем, носи транспарентност и буџетски заштеди
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која го истакна значењето на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) како единствен, централен и задолжителен систем за сите институции во јавниот сектор, вклучително и општините и јавните установи.
„ИСУЧР не е уште еден информатички проект, туку темелна реформа која обезбедува законита пресметка на платите, транспарентност и реална контрола на јавните трошоци“ истакна министерот Минчев.
Тој информираше дека Владата донела одлуки со кои ИСУЧР станува единствениот извор на податоци за вработените и за пресметка на платите, при што државата по првпат стекна сопственост врз изворниот код на системот, со што се обезбедува долгорочна стабилност и целосна контрола.
Министерот нагласи дека со користењето на еден унифициран систем се остваруваат значителни буџетски заштеди и на централно и на локално ниво, преку укинување на паралелни софтверски решенија и дополнителни трошоци.
Министерството за јавна администрација обезбедува континуирана поддршка и обуки за институциите.
„Приклучувањето кон ИСУЧР не е прашање на избор, туку на одговорност и заштита на јавните финансии“ порача Минчев, нагласувајќи ја клучната улога на ЗЕЛС како партнер во реформата.
Македонија
ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас
Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.

