Македонија
За 40% поголема реализација во расчистување на делата од организиран криминал во Куманово, вели Спасовски
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со дел од раководството на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, во Куманово остварија работна средба со раководствата на Секторот за внатрешни работи Куманово, Секторот за внатрешни работи Тетово и на Регионалниот центар за гранични работи Север за да се запознаат со резултатите од постапувањето на полициските службеници по поставените стратешки приоритети и цели, со цел зголемување на безбедноста во заедницата.
„Радува податокот што на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Куманово во изминатите 10 месеци имаме намалување на бројот на кривични дела за 22 проценти, споредено со истиот период лани, а паралелно со ова намален е и бројот на пријави во областа на јавниот ред и мир за 12 проценти. Кај класичниот криминалитет се бележи намалување на бројот на кривични дела за 17%, а намалување од 58% е евидентирано кај економскиот криминалитет. Во областа организираниот криминал имаме за 40% поголема реализација во расчистувањето на овие кривични дела”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите по остварената средба. Притоа, тој сподели информации за резултатите во делот на недозволена трговија со дрога.
„Според споделените податоци на средбата, СВР Куманово интензивно работеше и во борбата за недозволена трговија со дрога, за што говорат 52 претреси во домови и други простории, поднесени 44 кривични пријави против 47 сторители и запленети разни видови дрога: марихуана, хероин, кокаин, хашиш, амфетамин, МДМА, семки од растението канабис сатива. Посебно добри резултати се постигнаа со реализацијата на активностите одоперативниот план ‘Безбедно лето 2023’”, рече министерот Спасовски.
Во областа на превенцијата, Спасовски истакна дека СВР Куманово има реализирано 1.505 превентивни активности на теми: „Полиција и граѓаните“, „Безбедни училишта“ „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“, „Безбедно во сообраќајот“ итн.
Спасовски предочи дека и на ниво на СВР Тетово е постигната солидна ефикасност на полицијата, особено во делот на недозволена трговија со дрога.
„И на ниво на СВР Тетово во овој период постигната е солидна севкупна eфикасност во откривачката функција на извршените кривични дела од 76% и намалување на криминалитетот, согласно трендот на континуирано генерално намалување во државата. Намалување има кај пријавите во областа на јавниот ред и мир за 6%, а ефикасност од 28% е евидентирана кај кривичните дела со непознат сторител. Во областа на недозволената трговија со дрога во овие 11 месеци откриени и пријавени се вкупно 122 кривични дела, што претставува зголемување на откривачката функција за 53%. Како резултат на ова, СВР Тетово може да се пофали и со значителен пораст на заплената на марихуана во износ од 33,5 кг, но и хероин, кокаин, амфетамин, хашиш, а покрај оваа заплена, овој месец, поточно на 03.12.2023 на подрачјето на СВР Тетово во заедничка акција се пронајдени и запленети дополнителни 30,7 кг марихуана, додека пет лица, од кои едното државјанин од Р.Албанија се приведени”, рече министерот Спасовски, изразувајќи очекување дека и во наредниот период овие организациски единици ќе продолжат со несмалено темпо во реализацијата на утврдените приоритети во насока на намалување на криминалитетот во сите негови форми и области, а посебно да ги зајакнат контролите и активностите во претпразничниот период, со цел одржување на нивото на безбедност и поволен јавен ред и мир во интерес на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

