Македонија
„Зборна за Жутиве?“ – СМС-порака меѓу Јанакиески и Кирил Божиновски
На продолжението од судското рочиште за предметот на СЈО со кодно име „Траекторија“, обвинителката Лиле Стефанова презентира 156 пораки меѓу Миле Јанакиески и Елена Кузманоска од 2012 и 2013 година за договорот со Кинезите за изградбата на автопатиштата во Македонија.
Во СМС-порака меѓу нив двајцата од 6 декември 2013 година, Јанакиески на Кузманоска ѝ пишува: „Многу е сериозен проектот да работиме како муви без глави. Досега така го работевме“.
Во следна СМС-порака од истиот ден пишува: „Нема да ги пишува таа црната, туку Данче и уште еден што беа убедени дека договорот е спротивен на Законот за јавните набавки“.
Во 29 СМС-пораки меѓу Миле Јанакиески и Кирил Божиновски има комуникација за договорот со Кинезите за автопатиштата.
Во порака од 3 март 2013 година пишува: „ПС. Зборна за Жутиве?“ Во друга порака пишува: „На Кинезиве очиве почнаа да им се отвораат од чекање“.
На 26 октомври продолжува изведувањето на СМС-пораките.
Во предметот „Траекторија“, Груевски, Јанакиески, Пешевски и поранешниот директор за државни патишта, Љупчо Георгиевски, се обвинети дека во текот 2012 и 2013 година презеле дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци- Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања, со што, според СЈО, на државниот буџет му нанеле штета од најмалку 155 милиони евра и за овој износ на компанијата изведувач ѝ овозможиле да стекне имотна корист.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

