Македонија
Згаснува радиото „Слободна Македонија“ – Агенцијата му ја одзеде дозволата за работа
Агенцијата за медиуми му ја одзеде дозволата за работа на радиото „Слободна Македонија“, поради неисполнување на минималните кадровски услови за добивање дозвола за радио емитување. Одлуката е објавена во „Службен весник“.
Според образложението на Агенцијата, биле направени неуспешни обиди да бидат доставени известувања до Радиото да ги достави потребните податоци. „На ден 07.02.2018 година во 15 и 30 часот и на 08.02.2018 година во 9 и 35 часот при обид да доставам известување до радиото „Слободна Македонија“, во двата наврати радиото беше затворено“. Од АВМУ испратиле и известување на електронската адреса на медиумот, но не добиле повратен одговор.
Од Радиото до АВМУ во март доставиле само еден договор за вработување (на неопределено работно време) и девет авторски договори кои се истечени, па од Агенцијата повторно побарале податоци, но не ги добиле.
На 26 април 2018 година, Агенцијата направила вонреден административен надзор над Радиото, и констатирала дека радиодифузерот не ги исполнува минималните кадровски услови утврдени во „Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за радио или телевизиско емитување“. Претходно, медиумот беше опоменат дека не емитува програма за која што ја добил дозволата за работа и емитува само музика.
Против одлуката за одземање на дозволата, Радиото има право да поднесе тужба до надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.
Радиото „Слободна Македонија“, важеше за блиско до ВМРО-ДПМНЕ. Почна со работа во декември 2013 година на фреквенцијата на поранешното радио„Равел“ во Скопје, и на неколку други фреквенции низ државата. Според платформата „Медиа Педиа“, основач на радиото е Друштвото за консалтинг и посредување „НВСП ДООЕЛ“ од Скопје, а сопственик е Владислав Стајковиќ, брат на поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, кој е обвинет во случајот „Трезор“ на специјалното јавно обвинителство.
Фирмата „НВСП“ е сопственик на кумановската К3 телевизија (поранешен „Златен канал“) и се поврзуваше со Државна видеолотарија. Владислав Стајковиќ, пак, беше и управител на фирмата „Финзи“ преку која, СЈО во обвинението тврди дека биле испумпувани пари и бил оштетен буџетот на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Потребни се субвенционирани квалитетни контрацептивни средства за жртвите на семејно насилство
Антифашистичкиот фронт на жените при Левица (АФЖ) сподели сведоштво од жена која, поради семејно и сексуално насилство, била принудена да користи евтина контрацептивна спирала, што довело до сериозни здравствени компликации и итна операција. Таа порачува дека многу жени-жртви немаат финансиски можности за поквалитетни медицински средства и апелира државата да ги субвенционира.
Жртвата нагласува дека поддршка добила главно од организации и од АФЖ – Левица, како и од пратеничката Јована Мојсоска, но не и од институциите.
Од АФЖ велат дека целосно застануваат зад иницијативата државата да обезбеди пристап до безбедни и квалитетни контрацептивни средства за жените-жртви, како дел од пошироката борба за нивните права.
Кампањата на АФЖ за 16-те дена активизам се одвива под слоганот: „Не трпи! Не молчи! Едуцирај се, охрабри се! Делувај!“
Организацијата вели дека работи на подигање на свеста, споделување сведоштва и онлајн едукација поврзана со Истанбулската конвенција.
АФЖ потсетува дека насилството врз жените во земјава расте и дека е неопходна институционална реакција. Од таму упатуваат апел: „Стоп за насилството!“
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.

