Македонија
Здруженијата бараат легализација на канабисот за лична употреба

Македонски здруженија бараат со измените на Законот за опојни дроги, кој е во собраниска процедура, да се декриминализира употребата и поседувањето канабис на лична употреба.
„Јас одговорно ви тврдам дека повеќето од луѓето кои ги носат законите кај нас веќе користат канабис. Се случувало полицаец кој користи канабис да ме апси за канабис, тоа мора да престане. Властодршците мора да знаат дека марихуана во Македонија се користи, и тоа на ангро“, изјави Филип Достовски од „Зелена алтернатива“.
Драгана Дрндаревска од „Коалиција Маргини“ вели дека декриминализацијата ќе биде начин да престане повредата на човековите права на луѓето кои употребуваат канабис.
„Се прави голема неправда, спротивно е на принципот на владеење на право една група на луѓе која има доволно средства да го произведува и извезува да прави профит, а друга да оди во затвор“, вели Дрндаревска.
Огнен Узуновски од „Операција Ослободување“ вели дека нивната цел е да се прекинат сите негативни полемики околу канабисот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно време, попладне со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа ќе има услови за изолирана појава на невреме со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15л/м2) и засилен ветер (над 60км/ч).
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето, а во сабота ќе има изолирана појава на нестабилност. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.