Македонија
(Видео) Зекири препозна две лица што го извадиле Села од прес-салата
Пратеникот Мухамед Зекири посочи кон обвинетиот Александар Јаневски за кого тврди дека прв се обидел да го извади Села од прес-салата пред да биде претепан во Собранието. Тој посочи и кон обинетиот Сашо Сенков за кого вели дека му помагал на првиот обвинет, Јаневски. На рочиштето за нападот врз неговиот колега, во својство на сведок, Зекири тврди дека кога Села бил изваден од прес-салата, тој бил веќе удиран со тврди предмети.
„Некои од пратениците, поради ударите со тврди предмети, беа крвави. Меѓу нив беше пратеникот Села. Не можев да видам кој го удри Села. Видов како лице со црн елек и црни очила на главата го повлече Села и го изнесе надвор. Тоа лице е тука. Лице со црна фантомка помагаше и тоа беше едно од најнасилните. Лицата што го вадеа Села надвор не беа заштитнички настроени кон него“, рече Зекири.
Зекири со уште четири пратенички за време на инцидентите во Собранието бил во кабините за превод во галеријата на прес-салата.
„По изнесувањето на Села од салата, притисокот таму спласна, а се преполови со луѓе“, додаде Зекири. Пратеникот Зекири видел повеќе лица, но не сеќава на сите. Тој, по неколку минути откако Села бил извлечен од прес-салата, добил прашање од новинарка дали Села бил мртов, но не одговорил.
„Некои од колегите пратеници, кога го виделе Села, помислиле дека сум јас бидејќи исто имам долга коса“, рече Зекири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Богородица, на Меџитлија прекинот е само за моторни возила
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) е во прекин и според најава се очекува да остане затворен за секаков вид на сообраќај до 19:00 часот.
Сообраќајот на ГП Меџитлија (НИКИ) е во прекин само за товарни возила.
Додека сообраќајот на ГП Дојран се одвива нормално.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Град Скопје започна со обновување на јавните површини во центарот
Градот Скопје соопшти дека продолжува со интензивни активности за обновување на јавните површини и подобрување на урбаниот амбиент, со фокус на централното градско подрачје. Од Градот наведуваат дека се работи на локации кои со години биле занемарени и без основно одржување, со цел да им се врати функционалноста, безбедноста и достоинствениот изглед.
Според соопштението, градските служби координирано интервенираат на простори што секојдневно ги користат илјадници граѓани и посетители.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во објава на социјалните мрежи, информира дека „деновиве интензивно се работи на сите страни низ градот“. Тој наведе дека на плоштадот „Македонија“ се заменуваат скршените и пропаднати плочки, фонтаните што подолго време не функционираа повторно се враќаат во употреба, а пристапните патеки ќе добијат уреден изглед.
„Скопје мора да биде достоинствен, уреден и убав град, токму таков како што го паметиме и каков што сакаме да го оставиме за идните генерации“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека активностите се спроведуваат „за нас, но и за сите гости кои секојдневно доаѓаат да го запознаат нашиот главен град“.
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижности: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес во општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи и олеснет пристап на општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина која силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижности имаме заедничка цел, да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски ја гледам како значаен чекор напред, бидејќи интегрирањето на системите и размената на информации ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме Општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде граѓаните ќе можат брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

