Македонија
Зеленски со писмо до Пендаровски: Верувам дека еден ден нашите земји ќе бидат членки на ЕУ

Претседателот на Украина, Володомир Зеленски, упатил писмо до претседателот Стево Пендаровски, информираат од претседателскиот Кабинет.
Како што се наведува во соопштението, Зеленски во писмото најпрво се заблагодарил за поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзината европска интеграција, која Пендаровски ја изразил во писмо упатено во текот на мај годинава.
„Ја цениме цврстата и бескомпромисна позиција изразена од Скопје за поддршка на сувереноста и територијалниот интегритет на Украина. Благодарни сме што Република Северна Македонија целосно се приклучи кон санкциите воведени од страна на Европската Унија кон Русија како земја-агресор“, пишува Зеленски во писмото.
Понатаму, украинскиот претседател истакнува дека поддршката за кандидатски статус на Украина за пристапување во ЕУ е од особено значење кога доаѓа од Северна Македонија, која веќе е земја-кандидат за членство во Унијата.
„Се надевам дека Северна Македонија ќе започне со пристапните преговори кон Европската Унија во најбрз можен рок. Време е Европската Унија да донесе важни политички одлуки. Верувам дека Република Северна Македонија исто така ќе може успешно да напредува кон членството во ЕУ и еден ден нашите пријателски држави ќе се приклучат кон заедничкото европско семејство како полноправни членки на ЕУ“, посочува Зеленски во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Трајчулески до Мицкоски: Зошто го отворате прашањето за македонскиот јазик, не враќате во времето на Груевски со истите мотиви

Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до премиерот Христијан Мицковски зошто повторно се отвора веќе затвореното прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дали Мицковски сака да ја врати Македонија во времето на режимот на Никола Груевски, и дали негирањето на македонскиот идентитет од страна на Бугарија денес се користи на ист начин како што Груевски го користеше грчкото вето во 2008 година, како изговор за внатрешна пресметка и задржување на власта, праша тој.
„Ваши главни политички ветувања во однос на нашите евроинтеграции беа обезбедување на подобрена преговарачка рамка и уставни измени со одложено дејство.
За жал, во текот на оваа година, власта се соочи со политичката реалност, особено во меѓународната политика, и не само што не успеа да обезбеди подобрена преговарачка рамка и уставни измени како што ветуваше, туку нашите меѓународни позиции особено во однос на нашиот европски пат дополнително драматично се влошија.
Македонија се соочи со силен ксенофобичен атак од страна на бугарските негатори на македонскиот јазик и идентитет олицетворен во дебатата за Извештајот за Македонија во Европскиот парламент.
Се реотвори прашањето кое беше целосно затворено за 26 земји членки на Унијата, освен за Бугарија. Повторно на маса се става македонскиот јазик и посебност кое беше целосно затворено прашање, со признат македонски јазик и идентитет во сите официјални документи на Унијата“, посочи тој.
И денес, како што рече, има уште еден предлог од Ваша страна за заедничка резолуција со Бугарија до Европскиот парламент со која би се потврдил македонскиот јазик и идентитет.
И замислете, додаде Трајчулески, предлагате оваа резолуција да биде поднесена од страна на бугарски европратеници.
„Македонскиот јазик е признат од сите, освен од одредени структури во Бугарија. Македонскиот јазик и идентитет се затворено прашање за 26 земји членки на ЕУ и за целиот свет. Нашиот јазик е признат во сите документи на ЕУ, вклучително во преговарачката рамка.
Ова македонско собрание има донесено Резолуција со која се забранува било кој и било кога да преговара за македонскиот јазик и идентитет.
Ниту вие, ниту јас, ниту било кој политичар смее да го стави на маса постоењето на посебен македонски јазик и идентитет.
Немате потреба да го имитирате вашиот политички ментор. Немој да претставувате лажна слика дека сте херои.
И во ваше и во наше време, веројатно и во некое идно време ќе постојат бугарски структури кои ќе продолжат да го негираат Македонскиот идентитет“.
Не постои Македонец, додаде тој, без разлика на политичка припадност кого не го болат ксенофобичните напади на Бугарските европратеници врз Македонскиот идентитет на кои бевме сведоци по повод дебатата во Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на Македонија.
Прашањето, според него е, кој какви мотиви има.
„Се ми се чини дека историјата се повторува како фарса. Вам ви треба алиби за прикривање на неспособноста на вашата Влада да испорача политики за подобар живот на граѓаните.
Вам очајно ви треба старата испробана поделба на предавници и патриоти. Се разбира вие и Груевски сте патриотите, а сите ние од опозицијата клетите предавници и соработници на Бугарија.
Со ваквата непромислена политика, а сакајќи да го компензирате неуспехот на Владата да ги испорача предизборните ветувања, ја правите најголемата политичка стратешка грешка“.
Македонија
Гаши: Одредбите не се докрај прецизни дали можеме со распишани избори да избереме народен правобранител и претседател на ДКСК

Во претстојниот период предизвик за Собранието ќе биде изборот на нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција, рече денес претседателот на Собранието, Африм Гаши. Процедурата за избор на народен правобранител е почната, а за претседател на ДКСК допрва треба да се објави оглас.
„Што се однесува до народниот правобранител, имавме јавен оглас, имавме 17 кандидати за оваа позиција. Денеска, требаше да заседава Комисијата за избори и именувања. Ако тие одлучат за име за кое би се сложиле, тогаш за таа одлука ќе можеме да свикаме пленарна седница и да одлучиме за тоа име. Ако не, тогаш ќе треба да почекаме подобри времиња или усогласеност за тоа кој ќе биде кандидат или кој ќе биде избран за народен правобранител. Што се однесува до ДКСК, законските рокови се веднаш штом има оставка или немаме претседател на Комисијата, Собранието во рок од десет дена да објави оглас. Ние тоа ќе го направиме денеска во Комисијата за избори и именувања. И сега ќе треба да видиме како тоа правно да го направиме. Ќе треба да го анализираме затоа што одредбите не се докрај прецизни дали можеме во време кога се распишани избори да се направи избор или да се назначи претседател на ДКСК или, пак, народен правобранител“, вели Гаши.
Земјава остана без народен правобранител откога на 14 јули во пензија замина Насер Зибери, а Собранието не го почитува Законот за народниот правобранител, кој предвидува нов оглас три месеци пред пензионирањето на актуелниот омбудсман.
Антикорупционерите, пак, останаа без претседател по оставката на досеганата претседателка Татјана Димитровска осомничена дека давала доверливи информации на лице обвинето во случајот „Адитив“ и дополнително дека вработен во Државниот завод за ревизија полагал испит за класифицирани информации во нејзино име, со што таа незаконски го добила сертификатот.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Ако на некого не му е јасно зошто истрагата за Кочани е таму каде што е, нека ги праша СДС и Коцевски

СДС и ДУИ се соголија. Паднаа маските. Покажаа дека тие стојат зад главниот обвинител Љупчо Коцевски, зошто во него гледаат единствена сламка за спас од кривична одговорност за сторените криминали, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
СДС и ДУИ, како што рече, се единствениот спас за главниот обвинител Коцевски, и сега на секој му е совршено јасно зошто обвинителството нема еден случај против висок функционер од минатата власт.
„Со гумата за спасување која СДС и ДУИ му ја фрлија на главниот обвинител Коцевски паѓаат во вода сите оние тиради од прес конференции за Кочани, лажните повици, хушкања за Кочани каде лажно велеа дека бараат правда.
Кога следен пат ќе сакаат да држат прес-конференција за Кочани, треба да се потсетат дека истиот предмет го води главниот обвинител Коцевски и нема потреба да повикуваат јавно, нека си го прашаат лично него. А ако мислат дека ќе ја манипулираат јавноста после ова, им порачуваме дека дебело се лажат. Прочитани сте“, порача Петрушевски.
Главниот обвинител Коцевски, како што додаде, треба да знае дека со секој ден поминат без легитимитет му се урнисува и така урнисаниот углед. Очекува истиот да покаже доблест и да се поднесе оставка.