Македонија
Зелен хуман град: Државата ни е заробена од недопирливи функционери што си носaт криминални закони
Актуелнава власт си донела нов закон за инспекциски надзор и тоа по скратена постапка кој почна да се применува од 1 јануари годинава. Нема повеќе дури ни про форма можност да се одземе овластување на инспектор од независна институција. Сега никој ништо не им може дури ни законски, реагираат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Како што истакнуваат, за одземање на овластувањата на инспектор е задолжено раководното лице на институцијата.
Според нив истото раководно лице од кое инспекторот добива насоки за работа.
„Што значи од една страна заштита и неказнивост за „подобните“, а од друга страна изложеност на „неподобните“ инспектори на политички реваншизам и мобинг.
Иако 18 пратеници гласале против, а 17 воопшто не гласале, никој не алармирал јавно за ова катастрофално уназадување во клучна сфера што има силно влијание врз нашите животи – одговорното и професионално спроведување независен инспекциски надзор“.
Да се потсетиме како изгледа инспекција во пракса: Случај Тораница,
директорката на ДИЖС јавно признава дека инспекторатот постапил незаконски со неземање мостри на денот на хаваријата зашто ,,се гледало дека има хаварија, не требало таа со мостри да се докажува”.
Случај Усје, истата директорка јавно убедува дека ниеден од најавените надзори во Усје не констатирал загадување над дозволеното.
Од Зелен хуман грда оценуваат дека неказнивоста, прикривањето криминал и крајната некомпетентност на лица на функции нè чинат животи.
„Моќта да се носат одлуки во име на колективот не смее да ја имаат функционери што се дел од мрежи што прикриваат криминал, релативизираат хаварии и ни продаваат „законитост“, а притоа трујат вода, воздух и луѓе преку систем што е наменски дизајниран за легално избегнување одговорност на лица на функции што ни ги загрозуваат животите на дневна основа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

