Македонија
„Зелен хуман град“ : Пропаднаа мерките за спречување на аерозагадувањето во Град Скопје
Денес советот на Град Скопје, поттикнат од градоначалничката, успеа сам себе да си даде автогол, и скопјани да ги осуди на уште една година загаден воздух. Очигледно не беше доволно што Горјан носеше маска на вчерашната седница и посочи дека 5600 луѓе умираат во Македонија од аерозагадувањето. Како си даде советот автогол, прашуваат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Потсетуваат дека уште од јануари 2023 година, оваа граѓанска иницијатива поднесе бројни мерки што градот треба да ги преземе за намалување на аерозагадувањето, мерки кои, како што велат, беа игнорирани.
„Во ноември 2023, поднесовме предлог-одлука на дневен ред за советот да ги излгаса истите мерки, и во тоа успеавме!
Само месец дена подоцна, градоначалничката на денешната седница се обиде преку Решение за запирање на мерките, да ги спречи истите. Советот не го изгласа решението на градоначалничката, и тука мислевме дека таа борба заврши и конечно ќе се пристапи кон имплементација на овие мерки.
Но, во ироничен пресврт на настаните, 30 секунди потоа, советот не собра доволно број на гласови да ги потврди мерките кои пред месец дена ги изгласа. Со тој чекор, практично сега мерките на ЗХГ како да никогаш не постоеле“, појаснуваат од „Зелен Хуман Град“.
Порачуваат „Среќна загадена 2024 година скопјани, подарок од градоначалничката и мнозинство членови на советот на Град Скопје, кои повторно не успеаа да го зачуваат јавниот интерес. ЗХГ ја продолжува борбата, и нема да дозволиме да ни го одземат здравјето“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

