Македонија
Земјава нема развиен концепт за менаџирање со дијабетесот, вели Велев
Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари и Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, денеска во Градскиот парк во Скопје под мотото „Сѐ за нас – за нас“, се одржа едукативен настан за подигнување на свесноста за тоа како живеат лицата со дијабет.
Претседателот на Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, Диме Велев, рече дека со реализацијата на проектот се укажува дека лицата со дијабетес се нормални луѓе кои што се дел од заедницата и се придонесува кон уривање на стереотипите кои постојат за лицата со дијабетес.
„Почнавме реализација на проект за подигнување на свеста за користење на новите во технологии во менаџирање со дијабетесот, пред сѐ „CGM“ системите или системи за континуирано мерење на гликоза, за новите технологии во делот на апарати со дигитална размена на податоци, како и за рушење на стереотипите за тоа дека лицата со дијабетес се нешто посебни, тие се многу нормални луѓе кои што се во заедницата“, рече Велев.
Посочи дека целта на целиот проект е да се убедат властите дека луѓето кои што користат „CGM“ системи се работноспособни и присутни во заедницата, како и да се освестат за потребите на луѓето дека имаат многу кратко време за навремена реакција. Вели земјава нема примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес.
„Сѐ уште имаме пречки, затоа што ние немаме доволно луѓе кои што се поставени на „CGM“ системи, во Македонија немаме примена на доволно развиен концепт на менаџирање со дијабетес. Кога сето тоа ќе се воведе, ќе се изгради сета таа нова дијабетес култура, дека е многу нормално да се користи, дека е многу поквалитетно да се користи, тогаш нема да има потреба од нови правила за некое право на човек со дијабетес после пет минути да отиде настрана да касне нешто или да се освежи и да се врати на работа или на училиште“, рече Велев.
Преку интерактивен собир, денеска лицата со дијабетес ТИП 1, особено младата популација до 25 години, имаше можност да се потсети на основните постулати при секојдневното живеење со дијабетес.
На настанот беа поставени штандови со глукомери и ленти за мерење на нивото на шеќер во крвта, како и штандови со корпи и обучени лица на кои граѓаните имаа можност да видат колку јаглехидрати содржи секое овошје или зеленчук.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

