Македонија
Земјоделките бараат системско решение за платено породилно отсуство
Кон системско решение за платено породилно отсуство за жените-земјоделки повикаа на прес-конференција, ЛАГ Агро Лидер, Фондацијата Отворено општество – Македонија и Мрежата за заштита од дискриминација.
Беше упатено барање до Собранието, Министерството за здравство, Министретвото за труд и социјална политика и Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување.
Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини и претставничка на Мрежата за заштита од дискриминација изјави дека зад ова барање стојат повеќе од 70 здруженија, мрежи и сојузи од кои голем дел се организации кои дејствуваат во областа на заштитата на човековите права и правата на рурални жени.
„Земјоделките немаат право на платено породилно отсуство нити боледување. Оваа нехумана политика несразмерно го погодува животот и здравјето на руралните жени особено ако се земе предвид дека оваа група работнички е погодена од сиромаштија, има мали можности за пристап до здравство, образование и социјални услуги, живее во рурални области каде нормите на патријахатот сѐ се уште поцврсти со што теретот на грижата за домот, децата и старите го носи жената додека паралелно работи тешка земјоделска работа за да се издржи себе си и своето семејство.. Од една страна овие работнички се есенцијални, ја произведуваат храната која ја јадеме, од друга страна, за возврат нашето општество не им овозможува клучни социјални и работнички права, како породилно отсуство, годишен одмор и боледување. Уставната одредба според која државата посебно ги заштитува мајчинството и децата не важи за руралните жени, па можност да се престане со работа и да се посвети на грижа за новороденчето станува привилегија, а не право.“
Лилјана Јоневски од Руралната Коалиција изјави дека најголем дел од земјоделските стопанства имаат годишни примања до 2000 евра, што значи дека најголем дел од земјоделците живеат во сиромаштија или зависат од приходите на другите членови во семјеството. Според нивните истражувања незначителен број земјоделки (9) користеле платено породилно отсуство, по друг основ.
„Фактот што немаат право на платено породилно отсуство значи дека не можат да престанат со работа по пораѓањето и да се посветат на грижа и нега на новороденчињата, бидејќи ќе го изгубат и онака малиот и несигурен приход од земјоделска дејност. Оваа состојба влијае негативно на здравјето на мајките и децата од руралните области и резултира со несакани абортуси, зголемен ризик од патолошка бременост, прерано прекинување со доењето и неможност за пружање соодветна грижа на новороденчињата што доведува до нарушувања на менталното и физичкото здравје.“ изјави Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.
Здруженијата имаат подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување во кој се бара измена во неколку членови. Јована Јовановска-Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права додаде дека: „Бараме измени со кои основицата за пресметка и висината на надоместокот нема да биде помала од минималната плата за претходната година, односно 18.000 денари, а породилното да трае 9 или 15 месеци како за останатите работнички. Сметаме дека ова е најмалата прифатлива сума бидејќи со средтствата од породилното отсуство земјоделките мора да бидат во можност да се издржуваат себе си и своето семејство. Исто така достоинствена сума наметнуваат и меѓународните стандарди како обврски што Република Северна Македонија ги има преземено“.
Тошеска објасни дека предложеното решение нема големи финансиски импликации. „Доколку се водиме од вкупната бројка на регистрирани жени индивидуални земјоделци, која изнесува 1.075 жени, максималниот финансиски трошок доколку 1/4 од овие жени се во можност да забременат и да родат во една година, според предложениот модел изнесува 58.104.000 денари, а доколку се разработи сценарио на реален број на корисници според бројот на доделени права на 1.000 осигуренички според највисоката вредност на овој индикатор во 2021 година, тогаш финансиските импликации би изнесувале 10.368.000 денари“.
Граѓанските организации објаснија дека спортивно на нивните барања поради недостаток на политичка волја за системско решение, Министертвото за земјоделие планира да го реши проблемот преку програма со која ќе се делат средства на земјоделки. Според нив, ова не е прифатливо решение бидејќи е нецелисходно и во пракса повторно нема да доведе до фактичко уживање на правото на платено породилно отсуство.
„Програма се донесува секоја година, некој министер ќе ја донесе, друг нема, може да не се предвидат доволно средства за сите, да не се реализира, да се доцни со исплаќањето како и со субвенциите. Програмите се поподложни на политичко влијание и волја на ресорниот министер. Оттука, Министертвото за земјоделие може да дава средства на земјоделки кои се породиле како дополнителна помош, но тоа не е право на платено породилно отсуство. Уште повеќе, со донесување на ова програма само ќе се одолговлечи донесувањето на системското решение, а земјоделките повторно во пракса нема да имаат право на платено породилно отуство“- потенцира Дрндаревска.
На настанот се промовираше публикацијата “Индивидуалните земјоделци и нивните права – Имаат ли право на платено породилно отсуство“, која е достапна на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

