Македонија
Земјотрес почувствуван во Богданци

Рано утрово е регистриран земјотрес чиј епицентар се наоѓа во соседна Република Грција и припаѓа на епицентралното подрачје Гевгелија-Гуменџа, 140 km југоисточно од Скопје, информира Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Како што соопштија оттаму земјотресот се случил во 03 часот и 24 минути со Рихтерова локална магнитуда ML2.4.
„Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од жителите во Богданци и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, соопштија од сеизмолошката опсерваторија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Вложуваме во спортот, пуштен во употреба затворениот базен во Штип

Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштањето во употреба на затворениот базен во Општина Штип.
„Можам слободно да кажам дека Штип доби една современа, модерна физиономија, дека навистина е центар во истокот. Штип денеска делува навистина импресивно и работата на градоначалникот навистина инспирира и очекувам дека и во следните четири години ќе продолжи со истата динамика на реализација на тие проекти за уште поубав Штип, за Штип којшто ќе има уште повеќе реализирани проекти, а ние како централна Влада тука сме да ја поддржиме реализацијата на тие проекти“, кажа Мицкоски.
„Така што еве овој базен којшто претставува типска градба, како што кажа и министерот, е еден од шесте, втор по ред. Знаете дека овие проекти беа заглавени со години, 4-5 години стоеја, тапкаа во место, не беа реализирани, но еве сега со доаѓањето на оваа Влада, изминатите 15 месеци откако сме Влада, ги задвиживме овие проекти, тие се реализираат. После оној во Кисела Вода, овој во Штип е следен, следат Кичево и Битола, па потоа Ѓорче Петров и Карпош и оној во Кавадарци, се разбира.
Продолжуваме и понатаму да инвестираме во спортот, затоа што, како велат, во здраво тело здрав дух. Ние би сакале да ги навикнеме младите уште од најрана возраст да спортуваат бидејќи на тој начин се градат во вистински личности, личности коишто витешки ќе се борат во својот живот и ќе напредуваат. Така што еве, ако оваа градба овдека помогне во таа насока, јас би бил пресреќен“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Собраниска делегација на 108. Рос-Рот семинар во Ереван

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на НАТО, во состав: Драган Ковачки, шеф на делегацијата, и Беким Сали, член, учествуваше на 108. Рос-Рот семинар, што се одржа во Ереван, Република Ерменија, на 22 и 23 септември 2025 година, во заедничка организација на ПС НАТО и ерменскиот парламент и со финансиска поддршка на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (DCAF) и владата на Швајцарија.
На семинарот учествуваа голем број парламентарци од земјите членки на ПС НАТО и придружните членки, како и од земјите партнери, високи функционери и претставници на меѓународни организации, невладиниот сектор, универзитетите, владите и претставниците на јавното мислење.
Семинарот го отворија Маркос Перестрело де Васконселос, претседател на ПС на НАТО, Андраник Кочарјан, шеф на ерменската делегација во ПС на НАТО, Сурен Папикјан, министер за одбрана на Република Ерменија, и Андреа Бауман, амбасадор на Швајцарија во Република Ерменија. Како главни воведничари беа Рубен Рубинјан, потпретседател на парламентот на Република Ерменија, и Бурчу Сан, заменик на помошникот на генералниот секретар на НАТО за оперативни активности.
Своите излагања тие ги посветија на актуелните прашања за безбедноста и одбраната од страна на земјата домаќин, заедничките демократски вредности во областа на Јужен Кавказ, како и меѓународниот поредок во овој поглед. Се презентираа моментните одбранбени капацитети на Ерменија во контекст на обезбедување на безбедноста на граѓаните и нивниот имот, како и преглед на потенцијалните ризици и закани во контекст на безбедносните предизвици, кои се од интерес на НАТО.
Парламентарците имаа уникатна можност да разменат мислења и да имаат дискусија за прашања што се однесуваат на: „Мировниот договор меѓу Ерменија и Азербејџан: патот напред и преостанатите предизвици; Геополитичката конкуренција и внатрешните предизвици во областа на Јужен Кавказ“; „Ерменија и Јужен Кавказ во светот што се менува: Зајакнување на демократијата и регионалната безбедност“, „Геополитичка конкуренција и внатрешни предизвици во Јужен Кавказ“, „Партнерството на Ерменија со НАТО и Европската Унија“, „Зајакнување на демократската отпорност во Ерменија и пошироко“, „Безбедност и хибридни закани во Ерменија и регионот“, „Економски предизвици и соработка во областа на Јужен Кавказ“ и „Зајакнување на демократското управување со безбедносниот сектор во рамките на партнерските области: предизвици, пристапи и лекции“.
Беа разгледани и прашањата за споделените демократски вредности, меѓународниот поредок базиран на правила и мерките за зајакнување на парламентарните демократии, регионалниот развој и динамика, како и прашањето за политичката ситуација во Грузија и перспективите за решение на моментната ситуација меѓу Ерменија и Азербејџан.
Македонија
Сѐ уште активни пожарите на Кожуф, во Македонски Брод и во Студеничани

На ден 22/23.09.2025 година, до 07:00 часот, на територијата на Македонија имало вкупно 30 пожари на отворен простор, од кои три се активни, четири се под контрола и изгаснати се 23 пожари, информира Центарот за управување со кризи.
Сѐ уште се активни пожарите на Кожуф планина, кај село Пeтрово каде гори букова шума; потоа пожарот во Македонски Брод над село Бенче на планината Добра Вода каде гори дабова шума и папрат и во Општина Студеничани помеѓу селата Цветово и Драчевица, каде гори шума.
Под контрола се пожарите во село Трубарево (електричен отпад); во село Виниче, м.в.Муратица (нискостеблеста шума); во село Батинци (ниска вегетација и мешана шума); и во Општина Демир Хисар на Градската депонија каде гори отпад.