Македонија
Зендели од Беса: Џафери ги има сите овластувања да свика седница на Комисијата за избори и именувања
Пратеникот на Движењето Беса Фадил Зендели реагира на изјавите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека опозицијата ја опструира Комисијата за избори и именувања.
Според него, обвинувањата на Џафери се бегство од одговорноста на парламентарното мнозинство и неподготвеноста да се седне и да се разговара за прашања кои се во интерес на граѓаните и државата. Зендели наведува дека претседателот на Собранието ги има сите нормативни овластувања да свика седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, но тој не го прави тоа. Апелира до Џафери да биде коректен во изјавите, а немањето политичка волја за компромиси со опозицијата, да не го оправдува со наводни блокади и опструкции од опозицијата.
„Јас сум пратеник со искуство во републичкото собрание и со мојата работа и политичка посветеност покажав зрелост и визија за носење сериозни политички одлуки. Јас сум член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата во два пратенички состави и бев отворен и конструктивен во одлучувањето и функционирањето на оваа комисија. Повторувам дека за сè што е во интерес на граѓаните, на европскиот пат на државата, за добро функционирање на јавните институции подготвени сме да седиме и да разговараме, но нема да станам алатка и инструмент на промашените политики на дуото СДСМ-ДУИ“, наведува Зендели.
Неговара реакција е предизвикана по вчерашните случувања околу неможноста да се изберат уште четворица судии во Уставниот суд. Имено, претседателката на судот, Добрила Кацарска испрати писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кое изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време. Џафери и’ одговори дека во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд бидејќи e опструирана работата на Комисијата за избори и именувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.

