Македонија
Зечевиќ од Летниот камп на СДММ: Членството во ЕУ е клуч за подобра иднина, отвора врата на безброј можности за младите
Членството во ЕУ е клуч за подобра иднина и отвора врата на безброј можности за младите. Тоа е нашата голема идеја, суштината на нашата посветеност, саможртва и го правиме токму за вас, младите, порача денеска генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски во дискусија со младите социјалдемократи, учесници на Летниот камп на СДММ.
-Од една страна да ви оставиме решени проблеми, чист терен, чист пат. Никој да не може да ве негира повеќе, вас, вашиот идентитет, посебност, култура, тоа прашање еднаш за на век да го затвориме и да бидете посветени на вашата иднина. Тоа е суштината на нашата посветеност, саможртва па би рекол и визионерство за европскиот проект, рече Зечевиќ.
Од друга страна да ги имате истите можности, придобивки, ресурси како што го имаат вашите врсници во Европа, додаде тој.
– Членството во ЕУ отвора врата на безброј можности за младите, за личен и професионален напредок, пристап до најдобро образование, културна размена, нови хоризонти, фер шанса. Создава средина каде што вашите идеи можат да процветаат и да направат разлика. Затоа социјалдемократијата е водечки принцип кога станува збор за градење европско, напредно општество рамо до рамо со големите државотворни народи од Европа. Ние, македонските социјалдемократи за тоа се бориме. Тоа е современ патриотизам на 21 век, потенцираше Зечевиќ.
Македонската иднина не е прашање на поединци. Колективната свест и совест раѓа колективен напредок. Затоа вие младите мора да бидете моторот којшто ќе ја поттикнува таа колективна свест, рече Зечевиќ.
-Бидете активни затоа што вие младите сте носители на промените и вајари на иднината. Ја имате нашата поддршка. СДСМ и лично јас како човек, пред сѐ, а потоа и како политичар, ќе направиме сè Македонија да продолжи по европскиот пат, да бидат спроведени реформите, да ја оствариме стратешката цел за членство во ЕУ. Сериозно сметаме на вашиот капацитет, на вашата енергија и полетност кои ни се и тоа како потребни, додаде Зечевиќ.
„Летниот камп веќе е препознатлив бренд на СДММ. Со тоа што носи името на нашиот прерано починат другар Трајче Нешковски, можеби е најдобрата симболика за суштината. Трајче беше борец за слобода, за правда, симбол за искрено другарство, но и за искрена и вистинска љубов спрема една политичка партија, идеологија и идеја. Овие вредности знам дека сите ние овде во оваа сала, но и надвор од неа, длабоко во себе ги носиме. Нека бидат темелот врз којшто ќе го градите вашиот понатамошен младински активизам во СДСМ базиран на другарство, почит и искрена љубов кон социјалдемократската идеја“, посочи генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски во дискусијата со младите социјалдемократи денеска во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

