Македонија
Зеќирија Ибрахими: Повикот за изборен бојкот е страв од пораз

Лидерот на Алтернативата, Зеќирија Ибрахими, во видеоизјава го коментира повикот за бојкот на локалните избори од страна на ДУИ. Меѓу другото, Ибрахими истакнува дека е во корист на демократијата што во ДУИ ќе се случи што побрзо реформски процес.
Доколку ДУИ сака да опстане, нагласува Ибрахими, Ахмети мора да си замине од ДУИ.
„Изјавите на претседателот на ДУИ дека нема да учествува на локалните избори се поврзани единствено со фактот дека тој е свесен оти првпат нема да може да ги манипулира изборите. Нема да може да купува гласови, нема да може да ги заплашува граѓаните. А без тие средства, тој не сака да влезе во изборната трка бидејќи е свесен дека ќе биде поразен. Нова, реформирана ДУИ, без дамките од минатото, е добредојдена во изборната трка. Колку побргу се случи оваа реформа, толку подобро за демократијата, за Албанците, но и за самата ДУИ. Нема вистинска демократија без фер натпревар, а нема фер натпревар со Али Ахмети на чело на ДУИ. ДУИ досега како корумпирана и со темно минато е неиздржлива. Нејзината иднина не може да остане заложник на еден човек. Ако ДУИ сака да опстане, Ахмети мора да си замине од ДУИ и да отстапи место за реформирана ДУИ, која го почитува демократскиот процес и учествува на изборите со кредибилитет“, изјави Ибрахими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Центар денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф- 100мм на ул.Пандил Шишков 9, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица на високата зона од број 1 до бр.49 и дел од корисниците на ул.Вангел Тодоровски, Руди Чаевац, и Коста Новаковиќ, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санирање на дефектот, општина Аеродром;
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф-400мм на ул.Мирче Ацев, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул.Кочо Рацин, Славко Јаневски (по старо Стив Наумов), Тетовска, Славе Георгиевски Шнајдерот и дел од Бул.Крушевска Република, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот, општина Центар.
Македонија
Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност

Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во сабота во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси во форма на невреме. Локален дожд ќе има и во понеделник претпладне, а потоа ќе настапи стабилизирање на времето.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.