Македонија
Зеќир Рамчиловиќ бара начин да ја спречи конфискацијата на трговскиот на Сеад Кочан во Ѓорче
На 14 септември пратеникот Зеќир Рамчиловиќ до претседателот на Собранието доставил барање за автентично толкување на член од Кривичниот законик кој се однесува на конфискација на имот од правно лице. Тој бара законодавниот дом автентично да го протолкува членот 96-к.
Во барањето Рамчиловиќ напишал дека група граѓани се соочуваат со потешкотии при примена на тој член од законот. Пратеникот ја поставува дилемата дали одредбата од Кривичниот законик се применува и за случаите на незапишани права на сопственост во катастарската евиденција, кога договорот за јавно приватно партнерство не е навремено исполнет.
Рамчиловиќ бара автентично толкување на Собранието дали имотот во јавно-приватно партнерство, наведен во лист за предбележување на градба на инвеститор кој е осуден, може да биде конфискуван и дали јавниот партнер во тој однос има право да бара промена на приватниот партнер. Владата на 10 октомври дала негативно мислење за барањето за автентично толкување и смета дека одредбата е јасна.
Рамчиловиќ е потпретседател на Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија „АВАЗ“, кое тврдеше дека притворот за осудениот бизнисмен Сеад Кочан во предметот „Труст“ на СЈО е притисок врз медиумите и удар за Бошњаците. Тој е еден од пратенците избрани во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ што гласаше за потребата од уставните измени во Собранието.
Во предметот „Труст“, според неправосилната судска пресуда, треба да се конфискува имот од „Трансмет“ и „Силекс“ во висина од приближно една милијарда денари. „Трансмет“ поседува имот во општината Ѓорче Петров, поточно во трговскиот центар „Емпорио“ преку јавно-приватно партнерство.
Рамчиловиќ потврди за „Макфакс“ дека го поднел барањето до Собранието, но рече дека тоа не се однесува само за Сеад Кочан, туку и за други фирми. „Тука се опфатени повеќе правни субјекти. Станува збор за јавно-приватно партнерство и не може да се земе само така како што вие кажувате. Јас ја искористив можноста што ми ја дава законот како пратеник да им се најдам на институциите и на луѓето засегнати во одредени ситуации“, рече Рамчиловиќ. Од општината Ѓорче Петров рекоа дека сè уште се во деловни односи со фирмата на Сеад Кочан за изградба на административно-деловната зграда со паркинг-простор.
Предлогот на Рамчиловиќ треба да биде разгледан на седница на Законодавно-правната комисија на 1 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

