Македонија
Зибери во Тетово вети стручни училишта и повеќе пари за општините
Кандидатот за прв премиер албанец Насер Зибери, денес во Општина Тетово се сретна со градоначалничката Теута Арифи, а на состанокот присуствуваа и градоначалници од други општини како што се Хекуран Дука Градоначалник на Дебар, Висар Ганиу Градоначалник на Чаир и Еркан Арифи, градоначалник на Липково. На средбата се разговараше за неговите заложби како Премиер за побрз развој на регионите кои се најмногу погодени од иселувањето на младите луѓе.
„Регионите се најмногу погодени од миграцијата. Младите се селат во Скопје и во странство заради недостаток на можности и недостаток на инфраструктура. Тука мора да дејствуваме – и не само на централизирано ниво, туку и заедно со општините“, истакна Зибери.
За време на посетата, Зибери со градоначалничката на Тетово Теута Арифи, на Дебар Хекуран Дука, на Чаир Висар Ганиу и на Ликово, Еркан Арифи, потпишаа „Меморандум за иднината“ со кој се превземаат задолжениа за третирање на фискалната децентрализација за рамномерен регионален развој, со цел општините да имаат на располагање поголем буџет за важни инфраструктурни проекти.
„Меморандумот предвидува зголемување на даночните приходи за општините: ДДВ од 4,5% на 9% и персонален данок од 3% на 9%; повторно разгледување на методологијата за распределување на даноците и субвенциите за општините; локални патишта (реконструкција, градење и рехабилитација на патиштата во земјата, 270 км локални патишта во вредност од 70 милиони евра); и проекти за енергетска ефикасност за општините во вредност од 25 милиони евра финансирани преку Светската банка“,објасни Зибери, повикувајќи ги сите градоначалници на општините во Северна Македонија, да се приклучат на оваа иницијатива со цел итно подобрување на инфраструктурата и квалитетот на животот на граѓаните во регионите.
„Вториот дел од Меморандумот за иднината, ќе создаде нови можности за младите. Правилното стручно образование е од суштинско значење за кариерите на нашите млади. Тоа е тоа што ние како држава треба да го обезбедиме. Тоа е наша обврска. Затоа, заедно со општините, ќе градиме стручни училишта во секоја општина, каде младите ќе бидат обучени за идните професии.Општините ќе обезбедат инфраструктура, овозможена преку фискална децентрализација, а државата ќе ги покрие сите оперативни трошоци“, додаде Зибери, потенцирајќи дека овој Меморандум за иднина, е само почеток на проширена соработка на централната со локалната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

