Македонија
Зибери даде свечена изјава во Собранието

Новоизбраниот народен правобранител, Насер Зибери, денеска даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Зибери беше избран за омбудсман на седница во Собранието минатиот месец.
Тој ја наследува функцијата на Иџет Мемети, кој беше народен правобранител 16 години.
На последните парламентарни избори Зибери беше предложен од ДУИ како кандидат за прв премиер Албанец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Охридско лето без албанска култура, уште еден доказ за систематска исклученост“, велат од ДУИ

„Оваа година, државната манифестација „Охридско лето“, финансирана од јавните институции на земјата, се одвива без никакво претставување на албанската култура во официјалната програма. Во една држава каде Албанците претставуваат значаен дел од населението и културниот живот, целосното исклучување на секој албански елемент од еден национален фестивал е неприфатливо и загрижувачко“, велат од ДУИ.
„Официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европски култури, но ниту еден музички настан, театарска изведба или изложба не ја претставува богатата албанска културна традиција. Оваа културна тишина е сама по себе исклучувачка порака и доказ дека пристапот кон албанската култура во државните институции не е застапен, туку маргинализиран.
Иронично, фестивалот беше отворен во присуство на Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, но ниту тоа не беше доволно за организаторите да размислат за вклучување на албанскиот јазик и култура во програмата. Не само што нема никакво претставување на албански уметници, туку целосно недостига секоја точка што би го одразувала идентитетот, традицијата или современото творештво на Албанците во Северна Македонија.
Албанската култура е и треба да биде природен дел од секоја културна манифестација од национално ниво. Нејзиното отсуство од ваква манифестација не е организациско прашање, туку показател на исклучувачка политика што се вкоренува во институционалниот систем на културата.
Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за овој исклучувачки пристап и ги повикува одговорните институции да дадат објаснување за ова целосно игнорирање. Владата, Министерството за култура и раководството на фестивалот треба да сносат одговорност за недостигот на претставување на една од главните заедници во оваа земја, не само на јазик, туку и во духот, уметноста и идентитетот.
ДУИ ќе продолжи да го брани културниот диверзитет и, во неговата рамка, достојното претставување на албанската култура на сите институционални нивоа, со убедување дека културата не е средство за исклучување, туку столб на соживотот и општествениот развој“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце и Богородица, се чека околу половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за влез и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од општините Студеничани, Шуто Оризари и Карпош без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од селата Патишка река, Елово, Црн Врв, Малчиште, викендици Држилово, Краст Јаболце, ХПП Патишка Река, општина Студеничани;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улицата Метохиска, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, дел од корисниците од село Бардовци и кај викенд населбата, општина Карпош.