Македонија
ЗНАМ в четврток ќе избере лидер на партијата и кандидат за претседател на Македонија
Партијата Движење ЗНАМ-За наша Македонија на денешната прес конференција го најави првиот Конгрес, што ќе се одржи на 22 февруари 2024 година.
На Конгресот, како што рече портпаролот на партијата, Никола Мемов, ќе биде избран претседател, членови на Централниот одбор, членови на Надзорниот одбор, ќе се усвои Статутот на партијата и ќе се утврди предлогот на кандидатот за претседател на Македонија.
Мемов објасни дека по одржувањето на иницијативата за формирање на нов субјект на политичката сцена во Македонија, во ноември 2023 година се одржа Основачко Собрание на партијата на кое беше избрано привремено раководство со мандат до одржувањето на Првиот изборен Конгрес.
„Како што и е познато на јавноста, додаде Мемов, на Основачкото Собрание за в.д. Претседател беше избран господинот Максим Димитриевски, а беа избрани и в.д. Извршен и в.д. Надзорен одбор од по три членови. Партијата Движење ЗНАМ -За наша Македонија, согласно законот за политички партии уредно е регистрирана и запишана во Централниот регистар“.
Запрашан дали Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија размислува за предизборно коалицирање на претстојните избори, портпаролот Мемов нагласи дека партискиот став е Движењето ЗНАМ-За наша Македонија да настапи самостојно на претстојните претседателски и парламентарни избори, но конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата.
На новинарското прашање дали за претседател на партијата ќе биде избран Максим Димитриевски, тој кажа дека очекува Конгресот да го потврди досегашниот претседател Димитриевски за претседател на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија.
Одговарајќи на прашањето кој ќе биде кандидатот за претседател на државата, тој објасни:
„За одговорот на ова прашање, во овој момент ќе Ве замолам за трпение. Интерната партиска процедура е во тек. Во четврток, одлуката за утврдување на предлог-кандидатот ќе ја донесат делегатите на Првиот Конгрес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

