Македонија
ЗНАМ: Куманово е град во кој секој чекор води кон еднаквост
На Меѓународиот ден на белиот стап – кој е посветен на лицата со оштетен вид, Движењето ЗНАМ го презентираше делот од изборната програма за Куманово кој се однесува на инклузивноста и еднаквоста на сите, како и на обезбедување на услови за нормално живеење на сите лица со посебни потреби.
„Белиот стап не е само симбол на слепилото или оштетениот вид. Тој е симбол на слободата, самостојноста и борбата за достоинствен живот. Секој чекор што го правиме со белиот стап е чекор кон еднаквост, кон прифаќање и кон почит. Како човек со оштетен вид, секојдневно се соочувам со предизвици кои за некого се едноставни – премин на улица, читање документ, движење низ градот. Но, секој ден повторно избирам да не се откажам, затоа што животот ми покажа дека границите не постојат кога имаш волја, поддршка и верба“, изјави кандидатот за советник од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Христијан Ѓорѓевиќ.
Тој нагласи дека е горд што е дел од едно општество кое се менува на подобро, дел од Куманово – град кој секој ден прави значајни чекори за да биде пристапен, инклузивен и праведен за сите. Град кој ја слуша секоја приказна и секој глас.
„Токму затоа сум дел од советничката листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија. Во нашата програма, активностите значајни за лицата со посебни потреби, како и инклузивноста во целост се посебен и многу значаен сегмент. Како советник ќе се борам Куманово да продолжи да се движи во вистинска насока и заедно да градиме поинклузивно и попристапно општество за сите“, нагласи Ѓорѓевиќ.
Кандидатот за советник ги нагласи и активностите што најпрво ќе се преземат во следниот мандат:
· Пристапни рампи
· Звучни семафори
· Тактилни патеки за лица со оштетен вид
· Пристапни веб страници и
· Пристапни општински објекти
Можеме, рече Ѓорѓевиќ, да создадеме средина каде децата со посебни потреби имаат ист старт како и сите други. Каде лицата со оштетен вид не се гледаат низ призмата на ограниченост, туку низ призмата на можностите, знаењето и талентот.
Белиот стап не е само алатка. Тој е продолжение на нашата верба, на нашата решителност и на нашата љубов кон животот. А, еднаквоста не е само збор, туку начин на живеење, велат од Движењето ЗНАМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

