Македонија
ЗНМ: Али Ахмети не смее да етикетира медиуми
Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ го осудува јавното етикетирање на телевизиите „Телма“ и „Алфа“ од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Тој во своето обраќање пред присутните на партиска трибина во Гостивар, во обид да изрази незадоволство за медиумското известување во врска со партиските активности, јавно рече дека овие две телевизии се непријателски, велат од Здружението.
„Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници, а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е особено проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија, која е дел од власта и таа може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување“, се вели во соопштението од ЗНМ.
Здружението на новинарите со став дека „јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави што етикетираат медиуми бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности што самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните“.
Со реакција се јавија и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, од каде што најостро ја осудуваат вчерашната изјава на претседателот на ДУИ, со која телевизиите „Телма“ и „Алфа“ ги етикетира како непријатели на Албанците.
„Јавните личности, а особено претседателите на политичките партии, треба да бидат свесни дека слободата на изразување подразбира и одговорност. Наместо да се служат со непримерна комуникација, тие треба да служат за пример и да покажат највисоко ниво на почитување на еден од клучните столбови на демократијата – медиумите. Агенцијата потсетува дека е неопходно да се почитуваат европските стандарди и ги повикува политичарите да се воздржат од употреба на јазик со кој се дискредитираат медиумите и се поттикнува меѓуетничка нетолеранција и нетрпеливост“, велат од АВМУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

