Македонија
ЗНМ ги осудува заканите кон новинарот на Канал 5 Александар Видиновски
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува директните закани кон колегата од Канал 5 телевизија Александар Видиновски и бара од надлежните институции да постапат по очигледната закана по безбедноста на новинарот.
„Конкретно, под објавата на својот фејсбук профил на репортажа од Мала Преспа, Република Албанија за положбата на Македонците и резултатите од пописот, новинарот Видиновски доби сериозни закани од лицето Виктор Стојанов кое има забрана за влез во Македонија на неопределено време поради дејствија насочени против македонската држава. Тој го обвини Видиновски дека лажел и му се закани со притворање“, велат од ЗНМ.
„Потенцираме дека ваквите директни закани претставуваат притисок врз слободата на изразување и можат да предизвикаат страв кај новинарите и медиумските работници и да ја загрозат нивната безбедноста преку поттикнување на насилство.
Потсетуваме дека според Кривичниот закон тој што во јавноста промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група е кривично дело и ќе се казни со затвор од една до десет години.
Исто така, укажуваме дека овие закани се кривични дела за кои постои позитивна судска пракса и за кои ЗНМ во 2020 година има добиено судски случај пред Основниот кривичен суд за закани кон новинарите објавени на социјалните медиуми“, се додава во соопштението на ЗНМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

