Македонија
ЗНМ го осуди односот кон новинарите во зградата на Уставниот суд
Здружението на новинарите на Македонија го осудува однесувањето на вработените во Уставниот суд, кои, како што велат од ЗНМ, на недозволив и неевропски начин ги третираа новинарските екипи кои сакаа да ја проследат денешната средба меѓу претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати, и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
„И покрај тоа што медиумите уредно биле поканети за да ја проследат средбата, на новинарските екипи им било дозволено само да снимат неколку инсерти, а потоа биле избркани од зградата на судот. Иако во просториите на Уставниот суд има просторија предвидена за новинарите, вработените во судот на дрзок начин ги испратиле новинарите надвор од зградата и ги известиле дека изјави за средбата ќе може да се земат само надвор од зградата“, велат од ЗНМ.
Овој инцидент, додаваат од Здружението, е дополнително недозволив кога се знае дека токму Уставниот суд е оној што треба да биде главен заштитник на слободата на говорот.
ЗНМ го повикува судот во иднина да им обезбеди достојни услови за работа на новинарите и да не поставува негативен пример во општеството за односот институција – новинари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

