Македонија
ЗНМ: Извештајот на ЕК покажува дека земјата е умерено подготвена во областа на слободата на изразување
Во Извештајот за напредокот на земјата интензивирањето на заложбите за саморегулација се посочува како фактор за напредок на професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, а во делот поврзан со слободата на изразување се нотира и формирањето на Регистарот на онлајн медиуми (promedia.mk) од страна на ЗНМ и СЕММ, како механизам за саморегулација во оваа сфера низ доброволно приклучување на медиумите. Токму главната цел на овој регистар е да ѝ помогнеме на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат критериумите за членство и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење и оваа идеја е препознаена од страна на Европската комисија.
Генералната оценка во извештајот, во однос на Поглавјето 23, во делот на слободата на изразување, е дека: „Земјата има одредено ниво на подготвеност / е умерено подготвена во областа на слободата на изразување и е постигнат ограничен напредок во текот на периодот на кој се однесува извештајот“.
Понатаму, се додава дека „целокупната состојба и климата во којашто дејствуваат медиумите остануваат генерално погодни за нивната слобода и овозможуваат критичко известување“. Но, сепак реалноста потврдува дека сè уште постојат ограничувања за слободен и непречен пристап на медиумите до информации, особено во контекст на кризата предизвикана од Ковид-19, но и случаи во коишто извесен број медиуми сериозно потфрлиле во исполнувањето на својата улога да информираат во интерес на јавноста.
ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека повеќепати е укажано на политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кога се обидувале да ја избегнат својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста и кога медиумите ги претставувале или третирале како непријателска страна, барајќи од нив сериозен однос кон процесот на информирање, без рестрикции, импровизации и фаворизирање. И покрај неколкуте позитивни примери во кои имало јавно извинување за односот кон новинарите, сепак во извештајот е истакнат проблемот дека „политичарите и јавните функционери потребно е да имаат поголем праг на критика и да го промовираат начелото на слобода на изразување“.
Проблеми во новинарското известување беа забележани и во предизборниот и изборниот период во државата, а ЗНМ и СЕММ реагираа и ги предупредија медиумите дека со тоа не само што сериозно ги нарушиле етичките стандарди и норми за известување, туку и се однесувале во спротивност со Изборниот законик, на штета на изборниот процес и послужиле како орудие во рацете на партиски центри.
Двете организации веќе реагираа дека дел од онлајн медиумите каде што беа забележани ваквите случаи се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од буџетот и дека со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставале во ист кош со професионалните редакции.
Во делот кој се однесува на заплашување кон новинарите, се цитира статистиката на ЗНМ за напади кон новинари, а препораката е слична и на минатите години и вели дека треба да се: „обезбеди брзо и ефективно следење од страна на органите за спроведување на законот и судските органи на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари“.
Извештајот, исто така, се осврнува и на проблемот кој се однесува на платената политичка програма и вели дека „новата пракса политичките партии да користат јавни фондови за оваа намена создава грижа помеѓу новинарските асоцијации дека има можност да се влијае на независноста на медиумите“.
Реформата на јавниот сервис и оваа година не е изоставена во извештајот на ЕК и во овој дел се констатира проблемот за независноста на финансирањето, како и фактот дека МРТ добива помалку пари кои се предвидуваат со закон, а ова го доведува во прашањето и на функционирањето на овој медиум.
Со оглед на фактот што клучните забелешки од Брисел се однесуваат, всушност, на проблеми што и нашите организации ги нотираат, и СЕММ и ЗНМ, уште еднаш, заеднички апелираат да се засилат напорите, пред сè, од страна на институциите на државата во овозможувањето на услови за непречена работа на новинарите и на медиумите.
Паралелно со тоа бараме и поголема одговорност во однос на етичкото известување на медиумите, особено во услови на општествени кризи и предизвици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

